2 Летописи 36:12-18 MKB

12 Правеше што е зло во очите на Господа, неговиот Бог; не се смири пред пророкот Еремиј, кој му зборуваше од Господовата уста,

13 туку уште и се побуни против царот Навуходоносор, кој го беше заколнал во Бога; остана тврдоглав и упорен во срцето, за да не Му се обрати на Господа, Израелевиот Бог.

14 Па и сите свештенички главатари и народот грешеа многу следејќи ги гнасните дела на јазичниците, онечистувајќи го Господовиот Дом, посветен во Ерусалим.

15 Господ, Бог на нивните татковци, испраќаше кај нив рано Свои гласници, ги праќаше постојано, зашто му беше жал за Својот народ и за Своето Живеалиште.

16 Но тие им се потсмеваа на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови и подигрувајќи се со Неговите пророци, додека не се подигна Господовата јарост против Неговиот народ, та веќе немаше лек.

17 Го доведе против нив халдејскиот цар, кој ги стави под меч нивните младинци во домот на нивното Светилиште, не поштедувајќи ги ни младецот ни девојката, ни старецот ни немоќниот. Сè му предаде во рацете.

18 Сите посатки на Божјиот Дом, големите и малите, сокровиштето на Господовиот Дом и царевото благо, богатството на неговите кнезови, сè однесе во Вавилон.