2 Летописи 7:4-10 MKB

4 Потоа царот и целиот народ почнаа да жртвуваат жртви пред Господа.

5 Царот Соломон принесе за жртва дваесет и две илјади говеда, сто и дваесет илјади овци; и така го осветија Господовиот Дом и царот и сиот народ.

6 Додека свештениците стоеја на должностите, левитите на свирките за Господовите песни, што ги состави царот Давид, Го славеа Господа „зашто е вечна Неговата љубов.” Со тоа Давид Го фалеше Господа преку нивните раце. Пред нив свештениците свиреа во рогови, додека Израелците стоеја.

7 Соломон ја освети и средината на дворот, кој е пред Господовиот Дом, зашто таму ги принесе палениците и мрсното од помирителните жртви, зашто бронзениот жртвеник што го направи Соломон не можеше да ги собере палениците ни лебните приноси ни лојот.

8 Во тоа време Соломон го празнуваше празникот седум дена, и сиот Израел со него, мошне голем собир, од влезот во Хамат па до Египетскиот Поток.

9 А на осмиот ден го празнуваа свечениот собир, зашто осветувањето на жртвеникот го празнуваа седум дена, и празникот седум дена.

10 Во дваесет и третиот ден на седмиот месец ги испрати луѓето во нивните шатори, и си отидоа со весело и со задоволно срце заради доброто кое Господ им го направи на Давида и на Соломона и на сиот Израелски народ.