1 Павле, преку Божјата волја повикан апостол на Исуса Христа, и братот Состен,
2 до Божјата црква која е во Коринт, до осветените во Исуса Христа, до повиканите свети, со сите кои го призовуваат на секое место името на нашиот Господ Исус Христос, Кој е нивни и наш;
3 благодат ви вам и мир од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа.
4 Секогаш Му благодарам на својот Бог за вас, за Божјата благодат што ви е дадена во Христа Исуса,
5 и зашто во Него се обогативте во сè, во секое слово и во секое знаење,
6 како што Христовото сведоштво се зацврстило меѓу вас,
7 така да не сте во недостаток од ниеден дар, чекајќи го откровението на нашиот Господ Исус Христос;
8 Кој ќе ве утврдува и до крај, за да бидете беспрекорни во Денот на нашиот Господ Исус Христос.
9 Верен е Бог, преку Кого сте повикани во заедништво со Неговиот Син, Исус Христос, нашиот Господ.
10 Браќа, ве прекорувам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите да зборувате исто и да нема раздори меѓу вас, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во една мисла.
11 Имено, ми јавија, браќа мои, Хлоините домашни дека меѓу вас има препирки.
12 Со ова сакам да кажам, дека секој од вас зборува: ‘Јас сум Павлов’, ‘Јас сум Аполосов’, ‘Јас пак Кифин’, а ‘Јас Христов’,
13 Дали Христос се раздели? Павле ли беше распнат за вас? Или сте крстени во Павлово име?
14 Му благодарам на Бога, што никого од вас не крстив, освен Криспа и Гаја,
15 за да не рече некој, дека сте крстени во мое име.
16 Го крстив уште Стефановиот дом; натаму не знам дали сум крстил некој друг.
17 Зашто Христос не ме испрати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието, и не со говорничка мудрост - за да не го изгуби Христовиот крст своето значење.
18 Зашто, словото за крстот е безумство за оние, кои пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, Божја сила,
19 зашто е напишано: „Ќе ја уништам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на умните.”
20 Каде е мудриот? Каде е книжевникот? Каде е истражувачот на овој век? Не ја претвори ли Бог мудроста на светов во безумие.
21 Зашто светот со својата мудрост не Го позна Бога во Божјата мудрост, Бог благоволи да ги спаси оние, кои веруваат, преку безумството на проповедувањето.
22 И додека Јудејците сакаат знаци, а Грците бараат мудрост,
23 ние Го проповедаме распнатиот Христос, соблазан за Јудејците, безумство за Грците,
24 а за самите повикани - и Јудејци и Грци, Христос, Божја сила и Божја мудрост,
25 зашто безумното од Бога, помудро е од луѓето; и слабото од Бога, посилно е од луѓето.
26 Гледајте го, браќа, само своето повикување! Нема тука многу мудри по човечко сфаќање, нема многу силни, ниту многу од благороден род.
27 Туку, Бог го избра она што е безумно пред светот, за да ги посрами мудрите; што е слабо пред светот, Бог го избра, за да ги посрами силните;
28 и што е неблагородно и што е презрено во светот - и она што се смета за ништо - Бог го избра, за да го уништи она што е нешто,
29 за да не може ниедно тело да се пофали пред Бога.
30 Од Него сте и вие во Христа Исуса, Кој ни стана мудрост од Бога, праведност, и осветување, и искупување,
31 за да биде како што е напишано: „Кој се фали, во Господа да се фали!”