1 Коринќаните 15 MKB

1 Ви напомнувам, браќа, за Евангелието, кое ви го проповедав и кое вие го примивте и во кое стоите.

2 Преку кое и се спасувате, ако го држите цврсто како што ви го проповедав, освен ако не сте поверувале напразно.

3 Зашто, ви го предадов најнапред она, што го бев и примил: дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата,

4 и дека е погребан и дека воскресна на третиот ден, според Писмата;

5 дека му се јави на Кифа, после на Дванаесетте.

6 Потоа им се јави еднаш на повеќе од пет стотини браќа, од кои повеќето се живи до денес, а некои - починаа.

7 Потоа му се јави на Јакова, па тогаш на сите апостоли.

8 А најпосле ми се јави и мене како на недоносче.

9 Зашто јас сум најмал меѓу апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата Црква.

10 Но со Божја благодат сум она што сум. А Неговата благодат, која ми е дадена мене, не беше напразно, туку се потрудив поизобилно од сите нив, но не јас - туку Божјата благодат, која е со мене.

11 И така: било јас или тие, така проповедаме; а вие така поверувавте.

12 Но, ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како некои меѓу вас велат дека нема воскресение на мртвите?

13 Ако нема воскресение на мртвите, тогаш ни Христос не воскреснал;

14 А ако Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата вера.

15 При тоа се наоѓаме и како лажни Божји сведоци, дека сведочиме за Бога, дека Го воскреснал Христа, Кого не Го воскреснал; ако навистина мртвите не воскреснуваат.

16 Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, ни Христос не воскреснал.

17 А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера; вие сте уште во вашите гревови.

18 Тогаш и оние, кои умреле во Христа, загинале.

19 Ако само во овој живот се надеваме на Христа, ние сме најнесреќни од сите луѓе.

20 Но сега, Христос воскресна од мртвите, како првенец на оние кои умреле.

21 Бидејќи смртта дојде преку човек, така преку еден Човек дојде и воскресението од мртвите.

22 Зашто, како што сите умираат во Адама, така и во Христа сите ќе оживеат.

23 Но секој по својот ред: првенец Христос, после оние кои се Христови, во времето на Неговото доаѓање.

24 Тогаш доаѓа крајот, кога ќе Му го предаде Царството на Бог и Таткото; откако ќе ги уништи: секое началство, и секоја власт и сила.

25 Зашто, Тој треба да царува „додека не ги положи сите свои непријатели под Своите нозе.”

26 Смртта ќе биде уништена како последен непријател.

27 Зашто „сè покорил под Неговите нозе.” А кога вели, дека е покорено сè, јасно е дека е покорено сè, освен Оној, Кој Му покорил сè.

28 Кога ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Нему Му потчинил сè, за да биде Бог сè во сè.

29 Инаку, што ќе прават оние, кои се крштаваат за мртвите? Ако мртвите воопшто не воскреснуваат, зошто се крштаваат за нив?

30 И ние зошто сме секој час во опасности?

31 Со вашата пофалба, браќа, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ, јас умирам секој ден.

32 Ако се борев, по човечки, со ѕверови во Ефес, каква ми е ползата? Ако мртвите не воскреснуваат, „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!”

33 Не измамувајте се; „лошите друштва ги расипуваат добрите навики!”

34 Отрезнете се, како што треба, и не грешете, зашто некои не Го знаат Бога. За ваш срам, го велам ова.

35 Но, некој ќе праша:”Како воскреснуваат мртвите? И во какво тело ќе дојдат?

36 Неразумен човеку, она што го сееше ти, не оживува, ако не умре.

37 И што сееш, не го сееш телото што ќе биде; туку голо зрно, било пченично или од нешто друго.

38 А Бог му дава тело, какво што сака; и на секое семе негово тело.

39 Не е секое тело исто тело: туку друго е човечкото, и друго е животинското тело, и друго е телото на птиците, и друго на рибите.

40 Има и небесни тела и земни тела, но друг е сјајот на небесните тела, друг на земните.

41 Друг е сјајот на сонцето, а друг е сјајот на месечината; а друг е сјајот на ѕвездите, зашто ѕвезда од ѕвезда се разликува по сјајот.

42 Така е и со воскресението на мртвите; се сее во распадливост, воскреснува во нераспадливост;

43 се сее без чест, воскреснува во слава; се сее во слабост, воскреснува во сила;

44 се сее природно тело, воскреснува духовно тело. Ако има природно тело, има и духовно тело.

45 Така е напишано: „Првиот човек, Адам, стана жива душа”; а последниот Адам - животворен Дух.

46 Но не е прво она што е духовно, туку е прво природното, а духовното доаѓа потоа.

47 Првиот човек е од земја, земјен; вториот Човек е од небото.

48 Каков е земниот, такви се и земните; каков е небесниот, такви се и небесните.

49 И како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и обликот на небесниот.

50 Ова ви го велам, браќа: телото и крвта не можат да го наследат Божјото Царство; ниту распадливото го наследува нераспадливото.

51 Еве! Ви кажувам тајна: не ќе - умреме сите, но сите ќе се измениме,

52 во еден миг, во миг на окото, при гласот на последната труба: имено трубата ќе затруби и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме,

53 зашто треба ова распадливото да се облече во нераспадливо; и ова смртното да се облече во бесмртност.

54 А кога, ова, распадливото ќе се облече во нераспадливост; и, ова, смртното ќе се облече во бесмртност, тогаш ќе се збидне напишаното слово: „Победата ја проголта смртта.

55 Смрт, каде ти е победата? Смрт, каде ти е осилото?”

56 Осилото на смртта е гревот; а силата на гревот е законот.

57 Но, фала Му на Бога, Кој ни даде победа преку нашиот Господ Исус Христос.

58 Затоа, мои возљубени браќа, бидете цврсти, непоколебливи, секогаш пребогати во Господовото дело, знаејќи дека вашиот труд во Господа не е напразен.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16