1 Коринќаните 12 MKB

1 Што се однесува за духовните нешта, браќа, не сакам да останете во незнаење.

2 Знаете дека кога бевте многубошци, бевте влечени како терани кон немите идоли.

3 Затоа ве известувам дека никој, кој зборува во Божјиот Дух, не вели: „Проклет да е Исус,” и никој не може да каже: „Исус е Господ,” освен преку Светиот Дух.

4 Дарбите се различни, но Духот е ист.

5 Различни се и службите, но Господ е ист.

6 Има разлики и во дејствата, но Бог е ист, Кој врши сè во сите.

7 Секому му се дава откровение на Духот за општа полза.

8 На еден му се дава преку Духот слово на мудрост, на друг слово на знаење, преку истиот Дух;

9 на друг вера преку истиот Дух; а на друг пак дарови за лекување преку истиот Дух;

10 на друг да прави чуда, на друг да пророкува, на друг да ги разликува духовите, на друг разни јазици, а на друг да ги толкува јазиците.

11 А сè тоа го прави еден и ист Дух, Кој разделува секому, како што сака.

12 Зашто, како што е телото едно, а има многу членови, и сите членови на телото, иако се многу, едно тело се, така е и Христос:

13 зашто ние сите сме крстени преку еден Дух во едно тело - било Јудејци, или Грци, било робови, или слободни. И сите сме напоени во еден Дух.

14 Зашто телото не се состои од еден член, туку од многу.

15 Ако ногата рече: „Бидејќи не сум рака, не му припаѓам на телото,” тоа не ја прави да не е од телото.

16 И ако увото рече: „Бидејќи не сум око, не му припаѓам на телото,” тоа не го прави да не е од телото.

17 Ако целото тело би било око, каде би бил слухот? Ако сè би било слух, каде би било мирисањето?

18 Но Бог ги поставил членовите во телото; секој еден од нив, како што Му било угодно.

19 Ако пак сите би биле еден член, каде би било телото?

20 А сега се многу членови, а телото е едно.

21 Не може окото да и рече на раката: „Не си ми потребна,” или пак главата на нозете: „Не сте ми потребни!”

22 Туку попотребни се оние членови на телото, што изгледаат послаби.

23 И поголемо почитување им даваме на оние членови на телото, за кои сметаме дека не заслужуваат почитување. Нашите неугледни членови имаат поголема пристојност;

24 а на пристојните тоа не им треба. Но Бог го сложил телото, давајќи му поголема чест на оној член, кој ја нема,

25 за да нема раздор во телото, туку членовите еднакво да се грижат еден за друг.

26 И ако страда еден член, со него страдаат сите членови; или ако се слави еден член, сите членови се радуваат со него.

27 А вие сте Христово тело, а поодделно, членови.

28 И Бог ги поставил поединците во црквата: прво за апостоли, второ за пророци, трето за учители; потоа чудотворни сили, па дарови за исцелување, за помагање, за управување, за разни јазици.

29 Сите ли се апостоли? Сите ли се пророци? Сите ли се учители? Сите ли се чудотворци?

30 Сите ли имаат дарови за исцелување? Дали сите зборуваат разни јазици? Сите ли се толкувачи?

31 Туку покажувајте ревност за подобрите дарби! А јас ќе ви покажам уште повозвишен пат.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16