1 Не сакам да ви остане непознато, браќа, дека сите наши татковци беа под облакот и сите минаа низ морето;
2 и сите се крстија во Мојсеја, во облакот и во морето;
3 и сите јадеа иста духовна храна;
4 и сите пиеја иста духовна напивка; зашто пиеја од духовната Стена, која ги следеше, а таа Стена беше Христос.
5 Но Бог не најде благоволение во нив, и беа погубени во пустината.
6 А тие нешта станаа примери за нас, за да немаме зли желби, како што ги имаа тие.
7 И не бидете идолопоклоници како некои од нив, како што е пишано: „Народот седна да јаде и пие, потоа стана да игра!”
8 Ниту блудствувајте, како што блудствуваа некои од нив, и во еден ден паднаа дваесет и три илјади!
9 Ниту да Го искушуваме Господа, како што Го искушуваа некои од нив, и загинаа од змии.
10 Ниту роптајте, како што роптаа некои од нив, и загинаа од истребителот!
11 А сè тоа им се случи за пример, и е напишано за поука нам, врз кои дојдоа краевите на времињата.
12 И така, кој мисли дека стои, нека внимава да не падне!
13 Никакво искушение не ве постигна, освен човечкото. А Бог е верен и не ќе дозволи да бидете искушувани над вашите сили, туку заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да го издржите.
14 Затоа, мои возљубени, бегајте од идолопоклонството!
15 Зборувам како на мудри; пресудете сами за она што ви зборувам.
16 Чашата на благословот, што ја благословуваме, не е ли заедништво на Христовата крв? Лебот, што го раскршуваме, не е ли заедништво на Христовото тело?
17 Затоа што лебот е еден, и ние кои сме многу, само едно тело сме, зашто сите од еден леб имаме заедница.
18 Набљудувајте го земниот Израел! Оние, кои ги јадат жртвите, не се ли во заедница со жртвеникот?
19 Па што сакам да речам? Дали жртвуваното на идолите е нешто; или дека идолот претставува нешто?
20 Не, туку дека она што народите го жртвуваат, им го жртвуваат на бесовите, а не на Бога; а јас не сакам вие да бидете во заедница со бесовите.
21 Не можете да ја пиете Господовата чаша и бесовската чаша. Не можете да учествувате на Господовата трпеза и на бесовската трпеза.
22 Или пак да Го предизвикаме Господа на ревнување? Дали сме ние посилни од Него?
23 Сè е дозволено, но не е сè полезно. Сè е дозволено, но не е сè поучно.
24 Никој да не ја бара својата полза, туку ползата на другиот!
25 Јадете сè што се продава во месарница, не испитувајќи ништо заради совеста,
26 зашто „Господова е земјата и сè што ја исполнува.”
27 Ако некој од неверниците те повика на јадење и сакаш да отидеш, јади од сè што ќе сложат пред тебе, не испитувајќи ништо, заради совеста.
28 Ако некој ти рече: „Ова било принесено на жртва,” не јади заради оној, кој те известил и заради совеста.
29 Но не мислам на твојата совест, туку на оној другиот. А зошто мојата слобода да биде судена од туѓа совест?
30 Ако учествувам со благодарност, зошто да ме хулат за она за што благодарам?
31 Според тоа, јадете ли, пиете ли, или ако правите нешто друго, правете сè за Божја слава!
32 Не бидете им соблазан на Јудејците, ни на Грците, ни на Божјата црква,
33 како што и јас им угодувам на сите во сè и не ја барам својата сопствена полза, но на многуте, за да се спасат.”