1 Коринќаните 7 MKB

1 Што се однесува за она за што ми пишавте: добро е за човекот да не се допира до жена,

2 но заради блудствата секој нека има своја жена и секоја жена свој маж.

3 Мажот нека ја исполнува својата должност спрема жената; а исто така и жената спрема мажот!

4 Жената нема власт над своето тело, туку мажот; исто така и мажот нема власт над своето тело, туку жената.

5 Не лишувајте се еден од друг, освен по договор, за некое време, за да и се предадете на молитвата; потоа состанувајте се пак, за да не ве искушува сатаната, заради вашата невоздржаност.

6 Ова ви го велам како дозвола, а не како заповед.

7 Јас би сакал сите луѓе да бидат исто како и јас; но секој има од Бога свој дар, еден ваков друг онаков.

8 На неженетите и на вдовиците им велам дека е добро за нив, да останат исто како и јас.

9 Но, ако не можат да се воздржуваат, нека се женат и мажат, зашто е подобро да влегуваат во брак отколку да се распалуваат.

10 А на сопружниците не им наредувам јас, туку Господ: жената да не го напушта мажот;

11 ако го напушти нека остане немажена или нека се помири со својот маж; и мажот да не ја остава својата жена.

12 А на другите им велам јас, а не Господ: ако некој брат има жена која не верува, а која се согласува да живее со него, да не ја напушта!

13 А жената која има маж, кој не верува, а кој се согласува да живее со неа, да не го напушта мажот,

14 зашто мажот кој не верува се осветува преку жената, а жената која не верува се осветува преку мажот. Инаку вашите деца би биле нечисти, а сега се свети.

15 Но, ако оној кој не верува напушти - нека напушти! Во таков случај братот или сестрата не се врзани како робови, зашто Бог нè повикал да живееме во мир.

16 Зашто, откаде знаеш ти, жено, дали не ќе го спасиш мажот? Или откаде знаеш ти, мажу, дека не ќе ја спасиш жената?

17 Впрочем, секој нека оди онака, како што Господ му доделил, како што Бог го повикал! Така наредувам по сите цркви.

18 Обрезан ли е повикан некој, да не го крие обрезанието; необрезан ли е повикан некој, да не се обрезува!

19 Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, туку извршувањето на Божјите заповеди.

20 Секој нека остане онаков каков е повикан!

21 Ако си повикан како роб? Не грижи се! Туку, ако можеш да станеш и слободен, подобро искористи го тоа,

22 зашто оној, кој е повикан како роб во Господа, слободен е во Господа; исто така и оној, кој е повикан како слободен, роб е на Христа.

23 Скапо сте купени! Не бидете им робови на луѓето!

24 Браќа, секој нека остане пред Бога во она во што е повикан.

25 За девиците немам заповед од Господа, но го кажувам своето мнение како оној, кој, добивајќи ја Господовата благодат, е достоен за доверба.

26 Според тоа, сметам дека ова е добро заради сегашната потреба; дека е добро за човекот да остане таков, како што си е.

27 Сврзан ли си со жена? Не барај развод! Разврзан ли си од жена? Не барај жена!

28 Но, иако се ожениш, не грешиш; а ни девицата не греши ако се омажи. Но, таквите ќе имаат телесни неволји, а јас пак се обидувам да ве поштедам.

29 Браќа, ви го велам ова: времето е кратко. Затоа, и оние кои имаат жени, да бидат како да ги немаат;

30 и кои плачат, како да не плачат; и кои се радуваат, како да не се радуваат; и кои купуваат, како да немаат;

31 и кои го ползуваат овој свет, како да не го ползуваат, зашто поминува обликот на светов.

32 Би сакал да бидете без грижи. Оној кој не е во брак се грижи за она што е Господово; како да Му угоди на Господа.

33 А женетиот се грижи за земното: како да и угоди на жената,

34 та вниманието му е поделено. И немажената жена, девицата, се грижи за Господовото, за да биде света во телото и во духот; а мажената се грижи за светското: како да му угоди на мажот.

35 Ова го зборувам за ваша сопствена полза. Не за да ви поставам јамка, туку за да бидете чесни и за да Му служите без пречки истрајно на Господа.

36 Мисли ли некој дека постапува неприлично со својата девственост, ако навлегол во години, и дека така треба да биде, нека прави како што сака: не греши, нека се женат!

37 А оној, кој стои цврсто во своето срце и нема потреба, туку владее со својата волја, па решил во своето срце да ја запази својата девственост, добро прави;

38 така, оној кој се жени, добро прави; а оној којшто не се жени, прави подобро.

39 Жената е сврзана додека мажот и е жив. Ако и умре мажот, слободна е да се премажи за кого сака, само во Господа!

40 Но, според моето мислење, ќе биде посреќна, ако остане така; а мислам дека и јас имам Божји Дух.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16