1 Угледајте се на мене, како и јас на Христа.
2 Ве пофалувам дека ме помните за сè и дека ги држите преданијата како што ви ги предадов.
3 Но сакам да знаете дека Христос е глава на секој маж, а мажот е глава на жената; а пак Бог е глава на Христа.
4 Секој маж, кој се моли или пророкува имајќи нешто на неговата глава, ја срамоти главата.
5 А секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срами својата глава, зашто е сосем исто како да е истригана.
6 И така: ако жената не се покрива - нека се истриже! Но ако е срамно за жената да се стриже или да се бричи; нека се покрива!
7 Мажот пак не треба да ја покрива главата, зашто е слика и слава Божја, а жената е слава на мажот.
8 Зашто мажот не е од жената, туку жената од мажот;
9 бидејќи мажот не е создаден заради жената, туку жената заради мажот.
10 Затоа жената треба да има власт на главата, заради ангелите.
11 Но во Господа ниту мажот е без жена, ниту жената - без маж,
12 зашто како што е жената од мажот, така е и мажот преку жената, а сè е од Бога.
13 Пресудете сами во себе дали е прилично жената да Му се моли на Бога непокриена?
14 Не ве учи ли самата природа дека е срамно за мажот да има долга коса,
15 ако пак жената има долга коса, тоа е чест за неа, зашто косата и е дадена место превез.
16 Но ако некој мисли да се препира ние немаме таков обичај, ниту Божјите цркви.
17 Заповедувајќи ви го тоа, не можам да ве фалам, зашто вашите состаноци не се за подобро, туку за полошо.
18 Зашто, прво, слушам дека, кога се собирате постојат раздори меѓу вас, и верувам нешто од тоа,
19 зашто треба да има меѓу вас и разлики, за да се покажат подостојните меѓу вас.
20 И така, кога се собирате заедно, не е тоа за да се јаде Господовата вечера,
21 зашто кога ќе се седне на трпезата, секој го зема своето јадење; и едниот гладува, а другиот се пијани.
22 Немате ли куќи, за да јадете и пиете? Или ја презирате Божјата црква и ги срамите оние, кои немаат? Што да ви речам? Да ве пофалам? Не ве фалам во тоа.
23 Зашто, јас го примив од Господа она, што и ви го предадов: дека Господ Исус, во онаа ноќ во која беше предаден, зеде леб,
24 и благодари, го раскрши и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело, кое се крши за вас. Правете го ова за Мој спомен!”
25 Исто така и чашата, по вечера, и рече: „Ова е чаша на Новиот Завет во Мојата крв. Правете го ова, секојпат кога пиете, за Мој спомен!”
26 Зашто, секојпат кога ќе го јадете овој леб, и ќе пиете од оваа чаша, ја навестувате Господовата смрт, додека дојде Тој.
27 Затоа, кој јаде од лебов или пие од оваа Господова чаша, на недостоен начин, ќе биде виновен против телото и крвта на Господа.
28 Но, човекот нека се испита себеси, и така да јаде од лебот и да пие од чашата,
29 зашто кој јаде и пие, а не Го распознава Господовото тело, јаде и пие за свое осудување.
30 Затоа мнозина се слаби и болни меѓу вас, а мнозина и умираат.
31 Ако се осудуваме сами себеси, нема да ни се суди;
32 а кога Господ нè суди, нè накажува, за да не бидеме осудени со светот.
33 Затоа , браќа мои, кога се собирате да јадете, чекајте се еден со друг!
34 Ако е некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осудување. А другото ќе го уредам кога ќе дојдам.