1 И така, секој човек нека нè смета за Христови служители и за управители на Божјите тајни!
2 А од управителите натаму се бара секој да се покаже верен.
3 За мене сосем малку ми значи, што ме осудувате вие, или друг човечки суд; а ни самиот јас не се судам себеси.
4 Зашто не знам дека сум виновен во нешто, но со тоа не сум оправдан. Туку, Господ е Тој, Кој ќе ме суди.
5 Затоа не судете ништо предвреме, пред да дојде Господ, Кој ќе го извади на видело скриеното во темнина и ќе ги открие намерите на срцата; и тогаш секој ќе ја прими пофалбата од Бога.
6 А врз себе и врз Аполоса покажав пример, браќа, заради вас, за да научите од нас да не мудрувате повеќе од она, што е напишано, и да не се вообразувате еден над друг.
7 Зашто, кој те прави да се разликуваш од другиот ? И што имаш, што не си примил? И така, ако си примил, зошто се фалиш како да не си примил?
8 Веќе сте заситени! Веќе се збогативте! Без нас се зацаривте. И камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас!
9 Зашто ми се чини, Бог нè постави нас апостолите најпоследни, како осудени на смрт; зашто им станавме призор на светот, и на ангелите и на луѓето.
10 Ние сме безумни заради Христа, а вие сте мудри во Христа! Ние сме слаби, а вие, јаки; вие сте славни, а ние без чест.
11 До овој час гладуваме и жеднееме, и необлечени сме, и нè бијат, и скитаме,
12 и се трудиме работејќи со своите раце. Кога нè навредуваат, ние благословуваме; кога нè гонат, ние поднесуваме;
13 кога нè клеветат ние се обраќаме благо. Станавме како нечистотија на светот, како смет исфрлен од сите, сè досега.
14 Не го пишувам ова за да ве засрамам, туку за да ве предупредам како свои возљубени чеда,
15 зашто, ако имавте и десет илјади воспитувачи во Христа; сепак немате многу татковци, зашто јас ве родив во Христа Исуса преку Евангелието.
16 Затоа, ве молам подражавајте ме мене.
17 Затоа и го испратив при вас Тимотеја, моето возљубено и верно чедо во Господа. Тој ќе ви ги напомни моите патишта во Христа, како што ги учам насекаде, и во секоја црква.
18 Некои се вообразија, како јас да нема да дојдам при вас.
19 Но наскоро, ќе дојдам при вас, ако биде Господова волја, и тогаш не ќе сакам да знам за зборовите на оние вообразените, туку за нивната сила,
20 зашто Божјото Царство не е во зборови, туку во сила.
21 Што сакате: да дојдам при вас со прачка, или со љубов и со кроток дух?