1 Коринќаните 14 MKB

1 Стремете се кон љубовта! Ревнувајте за духовните нешта, а особено да можете да пророкувате!

2 Зашто, кој зборува на јазик, не им зборува на луѓето, туку на Бога; имено, никој не го разбира, но зборува тајни во својот дух.

3 А кој пророкува, им зборува на луѓето: за поука, опомена и утеха.

4 Кој зборува на јазик се изградува себеси, а кој пророкува изградува црквата.

5 Би сакал сите да зборувате јазици, а уште повеќе да пророкувате; зашто, оној, кој пророкува е поголем од оној, кој зборува јазици; освен ако ги толкува, та заедницата да добие надградба.

6 А сега, браќа, ако дојдам при вас и ви зборувам на непознати јазици, каква полза ќе имате од мене, ако не ви соопштам или по пат на откровение, или знаење, или пророштво, или поука?

7 И бездушните нешта, што даваат глас, како свиролот или харфата, ако не даваат различни звуци, како ќе се познае свирењето на свиролот или харфата?

8 Ако трубата дава неопределен звук, кој ќе се подготвува за бој?

9 Така и вие: ако со јазикот не изговарате разбирливи зборови, како ќе се разбере што зборувате? Ќе зборувате во ветер.

10 Во светот има кој знае колку разни гласови, и ниеден не е без значење,

11 или, ако не го познавам значењето на говорот, ќе му бидам странец на оној, кој зборува; а оној кој зборува, ќе ми биде туѓинец мене.

12 Така и вие, бидејќи покажувате ревност за духовните нешта, настојувајте да ги имате во изобилство за надградба на црквата!

13 Затоа оној кој зборува на јазик, нека се моли за да може да го толкува.

14 Зашто, ако се молам на непознат јазик, мојот дух се моли, но мојот ум останува без плод.

15 Што значи тоа? Ќе се молам со духот, но ќе се молам и со умот; ќе пеам со духот, но ќе пеам и со умот.

16 Зашто ако ти благословуваш со духот, како неупатениот ќе рече: „Амин”, на твоето благодарење, кога не знае што зборуваш?

17 Зашто, ти навистина благодариш, но другиот не се надградува.

18 Му благодарам на Бога дека зборувам повеќе јазици од сите вас;

19 но во заедницата повеќе сакам да речам пет збора со мојот ум, за да ги поучувам и другите, отколку десет илјади зборови на непознат јазик.

20 Браќа, не бидете деца во умот, туку бидете младенци во злобата, а во умот бидете зрели луѓе!

21 Во Законот е напишано: „Преку луѓе, кои говорат на друг јазик и преку усните на туѓинци, ќе му зборувам на овој народ, но и тогаш нема да Ме послушаат - говори Господ.”

22 Затоа јазиците се знак не за оние кои веруваат, туку за неверниците; пророштвото пак не е за неверниците, туку за оние, кои веруваат.

23 Ако пак целата црква се собере на едно место, и ако сите зборуваат на непознати јазици, и ако влезат неупатени или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе?

24 Но, ако сите пророкувате, а влезе некој неверник или неупатен, од сите е уверен, и од сите е осуден;

25 тајните на неговото срце се откриваат. И откако ќе падне на своето лице, ќе Го прослави Бога и ќе исповеда дека Бог е навистина меѓу вас.

26 Што тогаш, браќа? Кога се собирате, секој од вас има псалм, има поука, има откровение, има јазик, има толкување. Сè нека биде за надградување!

27 Ако некој зборува на јазик; нека зборуваат по двајца, или најмногу по тројца, и тоа по ред, а еден нека толкува!

28 Ако нема толкувач, нека молчи во црквата; и нека си зборува сам на себе и на Бога!

29 Пророците пак нека зборуваат двајца или тројца, а другите да расудуваат.

30 Ако некому, од седнатите, му дојде откровение, првиот нека замолчи!

31 Зашто сите можете да пророкувате, еден по еден, за да се поучуваат сите и за да се охрабруваат сите.

32 И пророчките духови им се покоруваат на пророците,

33 зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мирот, како што е во сите цркви на светите.

34 Жените да молчат во црквите; зашто ним не им е дозволено да зборуваат, туку да се покоруваат, како што вели Законот.

35 Ако сакаат да научат нешто, нека ги прашаат своите мажи дома, зашто е срамно жената да зборува во црква.

36 Или од вас ли излезе Божјото слово! Или само до вас стигна?

37 Ако некој мисли дека е пророк или духовен, нека разбере дека ова, што ви го пишувам, е Господова заповед!

38 А кој не сака да го препознае ова, нека не биде препознаен!

39 Затоа, браќа мои, ревнувајте за пророкување и не забранувајте да се зборува во јазици!

40 И нека сите работи се вршат пристојно и уредно!

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16