1 И јас, кога дојдов при вас, браќа, не дојдов со висок говор или со мудрост, за да ви го проповедам Божјото сведоштво;
2 зашто решив да не знам меѓу вас ништо друго, освен Исуса Христа, и тоа Распнатиот.
3 И јас бев со вас во слабост, и во страв, и во многу трепет,
4 и моето слово и мојата проповед не се состоеја во убедливи зборови на мудроста, туку во докажување на Духот и силата,
5 та вашата вера да не биде основана на човечката мудрост, туку на Божјата сила.
6 Па сепак, ја говориме мудроста меѓу совршените; но не мудроста на овој свет ни на владетелите на овој свет, кои пропаѓаат,
7 туку ја навестуваме Божјата премудрост, во тајна, сокриена, која Бог, пред сите векови ја предопределил за наша слава;
8 која не ја запознал ниеден од владетелите на светов, зашто ако ја беа познале, немаше да Го распнат Господа на славата, -
9 туку, како што е напишано: „Што окото не виде, што увото не чу, што во човечкото срце не дојде, тоа Бог го приготви за оние, кои Го љубат.”
10 А Бог ни го откри тоа нам преку Духот, зашто Духот испитува сè, па дури и Божјите длабочини.
11 Зашто, кој од луѓето знае што е во човекот, освен човечкиот дух, кој е во него? Така никој не знае што има во Бога, освен Божјиот Дух.
12 А ние не го примивме духот на светов, туку Духот, Кој доаѓа од Бога, за да знаеме што Бог милостиво ни дарува.
13 Па и тоа не го зборуваме со зборови научени од човечката мудрост, туку со зборови научени од Духот Свети, споредувајќи ги духовните работи со духовното.
14 А душевниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и не може да сознае, зашто за тоа треба да расудува на духовен начин.
15 Духовниот човек пак испитува сè, а него никој не го испитува,
16 зашто: „Кој го познава Господовиот ум, за да го поучи?” А ние го имаме Христовиот ум.