1 И јас, кога дојдов при вас, браќа, не дојдов со висок говор или со мудрост, за да ви го проповедам Божјото сведоштво;
2 зашто решив да не знам меѓу вас ништо друго, освен Исуса Христа, и тоа Распнатиот.
3 И јас бев со вас во слабост, и во страв, и во многу трепет,
4 и моето слово и мојата проповед не се состоеја во убедливи зборови на мудроста, туку во докажување на Духот и силата,
5 та вашата вера да не биде основана на човечката мудрост, туку на Божјата сила.
6 Па сепак, ја говориме мудроста меѓу совршените; но не мудроста на овој свет ни на владетелите на овој свет, кои пропаѓаат,
7 туку ја навестуваме Божјата премудрост, во тајна, сокриена, која Бог, пред сите векови ја предопределил за наша слава;