1 Коринќаните 7:30-36 MKB

30 и кои плачат, како да не плачат; и кои се радуваат, како да не се радуваат; и кои купуваат, како да немаат;

31 и кои го ползуваат овој свет, како да не го ползуваат, зашто поминува обликот на светов.

32 Би сакал да бидете без грижи. Оној кој не е во брак се грижи за она што е Господово; како да Му угоди на Господа.

33 А женетиот се грижи за земното: како да и угоди на жената,

34 та вниманието му е поделено. И немажената жена, девицата, се грижи за Господовото, за да биде света во телото и во духот; а мажената се грижи за светското: како да му угоди на мажот.

35 Ова го зборувам за ваша сопствена полза. Не за да ви поставам јамка, туку за да бидете чесни и за да Му служите без пречки истрајно на Господа.

36 Мисли ли некој дека постапува неприлично со својата девственост, ако навлегол во години, и дека така треба да биде, нека прави како што сака: не греши, нека се женат!