1 Коринќаните 7:9-15 MKB

9 Но, ако не можат да се воздржуваат, нека се женат и мажат, зашто е подобро да влегуваат во брак отколку да се распалуваат.

10 А на сопружниците не им наредувам јас, туку Господ: жената да не го напушта мажот;

11 ако го напушти нека остане немажена или нека се помири со својот маж; и мажот да не ја остава својата жена.

12 А на другите им велам јас, а не Господ: ако некој брат има жена која не верува, а која се согласува да живее со него, да не ја напушта!

13 А жената која има маж, кој не верува, а кој се согласува да живее со неа, да не го напушта мажот,

14 зашто мажот кој не верува се осветува преку жената, а жената која не верува се осветува преку мажот. Инаку вашите деца би биле нечисти, а сега се свети.

15 Но, ако оној кој не верува напушти - нека напушти! Во таков случај братот или сестрата не се врзани како робови, зашто Бог нè повикал да живееме во мир.