1 Коринќаните 9:17-23 MKB

17 Ако го правам тоа доброволно, имам награда; но, ако не го правам по своја волја, сè уште мене ми е доверено управувањето.

18 Која е тогаш мојата награда? Проповедајќи, бесплатно да го давам Евангелието; и да не го исползувам наполно своето право во Евангелието.

19 Навистина, иако сум слободен од сите, се претворив во роб на сите, за да ги придобијам што повеќе.

20 На Јудејците им бев како Јудеец, за да ги придобијам Јудејците; на оние кои се под Законот им бев како и самиот да сум под Законот, иако јас не сум под Законот, за да ги придобијам оние, кои се под Законот.

21 На оние, кои се без закон, им бев како да сум и јас без закон, иако не сум без Божјиот Закон, туку сум под Христовиот Закон, за да ги придобијам оние, кои се без закон.

22 На слабите им бев слаб, за да ги придобијам слабите; на сите им станав сè, та по секаков начин да спасам некои.

23 А сè тоа го правам заради Евангелието, за да имам дел во него.