22 Му рече Јуда, не Искариот: „Господи, што е тоа: дека ќе ни се јавиш нам, а не на светот?”
23 Исус во одговор му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го држи Моето Слово, и Мојот Татко ќе го љуби: при него ќе дојдеме и при него ќе се настаниме.
24 Кој не Ме љуби, не ги држи Моите зборови; а Словото што го слушате, не е Мое, туку е од Мојот Татко, Кој Ме испрати.”
25 ”Ова ви го зборував, додека бев при вас;
26 а Утешителот, Светиот Дух, Кого Татко Ми ќе Го испрати во Мое име, ќе ве научи сè и ќе ве потсети на сè што ви реков.
27 Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се бои.
28 Чувте дека ви реков: Одам и ќе ви дојдам. Ако Ме љубите, ќе се зарадувате дека одам при Мојот Татко, зашто Таткото е поголем од Мене.