16 Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и вашиот плод да остане; и Мојот Татко да ви даде сè што ќе посакате во Мое име.
17 Ова ви заповедам: да се љубите еден со друг!”
18 ”Ако светот ве мрази, знајте дека Мене Ме мразеше пред вас!
19 Ако бевте од овој свет, светот би ги љубел своите; но бидејќи не сте од светов - туку Јас ве избрав од светот - затоа светот ве мрази.
20 Помнете го зборот што ви го реков: ‘Слугата не е поголем од својот господар!’ Ако Ме гонеа Мене, ќе ве гонат и вас; ако го пазеа Моето Слово, ќе го пазат и вашето.
21 Туку, сè ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познават Оној, Кој Ме пратил.
22 Да не дојдев и да не им зборував, немаше да имаат грев; но сега немаат изговор за својот грев.