Јован 16:18-24 MKB

18 И си зборуваа: „Што е тоа ‘малку’ за кое зборува? Не знаеме што зборува!”

19 Исус разбра дека сакаат да го прашаат и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе за она што ви реков: ‘Уште малку и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’

20 Вистина, вистина ви велам: вие ќе плачете и ќе ридате, а светот ќе се радува; и вие ќе бидете жалосни но вашата жалост ќе стане радост.

21 Жената е жалосна, кога раѓа, зашто дошол нејзиниот час; но штом ќе го роди детето, не си спомнува веќе за маката - од радоста дека се родил човек на светот.

22 Така и вие сега сте нажалени; но пак ќе ве видам, па ќе се зарадува вашето срце, и таа ваша радост никој не ќе може да ви ја одземе.

23 Во оној ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да молите од Мојот Татко, во Мое име, ќе ви даде.

24 Досега ништо не баравте во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде вашата радост полна.”