Јован 18:16-22 MKB

16 А Петар стоеше надвор, пред вратата. Тогаш другиот ученик, кој му беше познат на првосвештеникот, излезе, проговори со вратарката и го воведе Петра.

17 Тогаш слугинката, вратарка, му рече на Петра: „Да не си и ти еден од учениците на Човеков?” Тој рече: „Не сум.”

18 А слугите и служителите беа запалиле оган и стоеја, и се грееја, зашто беше студено; и Петар стоеше со нив и се грееше.

19 Првосвештеникот пак Го праша Исуса за Неговите ученици и за Неговата наука.

20 Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; секогаш поучував во синагогите и во Храмот, каде се собираат сите Јудејци, и ништо не говорев тајно.

21 Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои чуја, што Сум им зборувал тие знаат што Сум говорел.”

22 Кога го рече тоа, еден од присутните службеници Го удри Исуса по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?”