12 Оттогаш Пилат настојуваше да Го ослободи; но Јудејците викаа, велејќи: „Ако Го ослободиш Овој, не си му пријател на ќесарот; секој кој се прави цар, противник му е на ќесарот!”
13 Штом Пилат ги чу тие зборови, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на еврејски Гавата.
14 А беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, и им рече на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!”
15 Но тие викаа: „Земи, земи! Распни Го!” Пилат им рече: „Да Го распнам ли вашиот Цар?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот!”
16 Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса.
17 А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота;
18 каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина.