6 Таму имаше шест камени садови, според прописот за јудејското миење, што собираа по две до три мери.
7 Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!” И ги наполнија догоре.
8 Тогаш им рече: „Сега нацрпете и однесете му на старосватот!” И му однесоа.
9 А кога старосватот вкуси од водата претворена во вино - а не знаеше од каде е, но знаеја слугите, кои црпеа од водата - го повика младоженецот
10 и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат - слабото. Ти си го чувал доброто вино досега.”
11 Ова го направи Исус во Кана Галилејска како почеток на чудесата и ја објави Својата слава; и Неговите ученици поверуваа во Него.
12 Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, и Неговите браќа, и Неговите ученици, и останаа таму неколку дена.