Захарија 1 MKB

1 Во осмиот месец на втората Дариева година му дојде Господово слово на пророкот Захарија, синот Варахиин, синот Идов.

2 „Господ се разгневи тешко на вашите татковци!

3 Затоа речи им: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Вратете се кај Мене и Јас ќе се вратам кај вас - говори Господ над Војските.

4 Не бидете како вашите татковци, кои ги повикуваа некогашните пророци, велејќи: ‘Господ над Воинствата вели вака: „Вратете се од Своите лоши патишта и од лошите дела.”‘ Ама тие не слушаа ниту пазеа на Мене - зборува Господ.

5 Каде се сега вашите татковци? Зар ќе живеат довека пророците?

6 Ама Моите зборови и одредби, што им ги наложив на Своите слуги пророците, не ги стигнаа ли вашите татковци?” Тие се обратија и признаа: ‘Господ над Војските направи со нас како што намислил да направи според патиштата и нашите дела.’ „‘“

7 Во дваесет и четвртиот ден, на единаесеттиот месец, а тоа е месецот Сават, во втората Дариева година, Господовото слово му дојде на пророкот Захарија, синот Варахиин, синот Идов.

8 Имав видение ноќе. Ете, човек јава на жолтоцрвеникав коњ меѓу миртови дрва што имаат длабоки корења, а зад него лисести коњи, костенливи и бели.

9 Прашав: „Кои се овие мој господару?” Ангелот кој зборуваше со мене ми рече: „Јас ќе ти покажам кои се.”

10 Човекот кој стоеше меѓу миртовите дрва одговори: „Ова се оние кои ги испрати Господ за да ја обиколуваат земјата.”

11 Тие му се обратија на Господовиот ангел, кој стоеше меѓу миртовите дрва и рекоа: „Ја обиколуваме земјата, и ете: сета земја почива и мирува.”

12 Тогаш Господовиот ангел проговори и рече: „Господи над Воинствата, кога веќе еднаш ќе им се смилуваш на Ерусалим и на јудејските градови, на кои веќе седумдесет години им се гневиш луто?”

13 А Господ му одговори со утешни зборови на ангелот, кој зборуваше со мене.

14 И ангелот кој зборуваше со мене ми рече: „Објави го ова: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Со ревнива љубов горам по Ерусалим и за Сион,

15 а со голем гнев пламнувам на гордите народи, зашто кога малку се разгневив, тие ја поминаа мерката.”

16 Затоа Господ зборува вака: „Му се враќам на Ерусалим со милосрдие; пак ќе го изградам во него Мојот Дом - говори Господ над Војските - и пак во Ерусалим ќе се оптегнува мерачко јаже.”‘

17 „Порачај го уште ова: ‘Моите градови пак ќе се прелеваат со изобилство, и Господ ќе го утеши Сион, ќе го избере Ерусалим.”‘“

18 Ги подигнав очите и видов. И ете: четири рога.

19 Го прашав ангелот кој зборуваше со мене: „Што е ова?” Тој ми одговори: „Тоа се рогови што ги распрснаа Јуда, Израел и Ерусалим.”

20 Тогаш Господ ми покажа четири ковачи.

21 А јас прашав: „Што дојдоа овие да работат?” Тој ми одговори: „Она се роговите што го раскинаа Јуда, та никој веќе не се осмелува да дигне глава; а овие дојдоа за да ги исплашат, и да им ги скршат роговите на народите кои подигаа рог против Јудината Земја, за да ја распрснат.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14