1 Во оној ден ќе им се отвори извор на Давидовиот дом и на Ерусалимците, за да се измијат од гревот и од нечистотата.
2 Во оној ден - говори Господ над Воинствата - ќе ги откорнам од земјата имињата на киповите за да не се спомнуваат веќе; ќе ги оддалечам од земјата и пророците и духот на нечистотата.
3 Ако некој уште ќе пророкува таткото и мајката кои го родија ќе му речат: ‘Не ќе живееш веќе, зашто зборуваш лага во Господово име!’ Таткото и мајката, кои го родија, ќе го прободат кога ќе пророкува.
4 Во оној ден секој пророк ќе се срами од своето видение: не ќе се наметнуваат веќе со наметка од козина за да лажат,
5 туку ќе рече: ‘Јас не сум пророкот; јас сум земјоделец, земјата е мое добро од младоста!’
6 Ако некој го праша: ‘Какви ти се тие рани по рацете?’ тој ќе одговори: ‘Ранет сум кај пријателите.’
7 Разбуди се мечу, против мојот пастир, против човекот, мојот роднина - говори Господ над Воинствата. Удри го пастирот, и овците ќе се разбегаат! Ќе ја свртам раката против слабите,
8 и во целата земја - говори Господ - ќе бидат истребени две третини, а една третина оставена.
9 Таа третина ќе ја поминам низ оган, ќе ги очистам како што се чисти среброто, ќе ги очистам како што се очистува златото и тие ќе го повикуваат Моето име, а Јас ќе им се одѕвијам; и ќе речам: ‘Тоа е Мој народ!’ а тие ќе речат: ‘Господ е мој Бог!’”