Захарија 14 MKB

1 Ете, доаѓа Господовиот ден кога ќе биде поделен пленот сред тебе.

2 И ќе ги соберам сите народи во Ерусалим во борба. И ќе го заземат градот, и ќе ги ограбат куќите и ќе ги изнасилат жените. Половина од градот ќе отиде на заточение, но остатокот нема да биде истребен од градот.

3 Тогаш Господ ќе излезе и ќе се бори против тие народи како што Тој знае да војува во воен ден.

4 Во оној ден, Неговите нозе ќе стојат на Маслиновата Гора што е спроти Ерусалим, на исток. И ќе се распука Маслиновата Гора по средина, меѓу исток и запад, во голема долина: едната половина ќе се измести кон север, другата кон југ.

5 И ќе побегнете во долината на Мојата Гора, зашто Долината на Гората ќе се простира до Асал и вие ќе избегате како што бегаа од земјотресот во деновите на Озиј, јудејскиот цар. Тогаш ќе дојдат Господ, Мојот Бог, и сите свети со Него.

6 Во оној ден не ќе има светлина ни мраз ни горештина.

7 Тоа ќе биде чудесен ден - Господ го знае - ни ден ни ноќ; и за време на темнина ќе биде светло.

8 Во оној ден жива вода ќе потече од Ерусалим, половина кон Источното Море, половина кон Западното Море. Така ќе биде и лете и зиме.

9 И Господ ќе биде Цар над сета земја. Во оној ден Господ ќе биде единствен и Неговото име единствено.

10 Сета земја ќе се претвори во рамница, од Гаваја до Негевскиот Римон. А Ерусалим ќе се возвиши на своето место; и ќе биде населен од Венијаминовата Врата до Првата Врата, односно до Аголната Врата, и од Ананеиловата Стражарница до Царевите Линови.

11 Пак ќе се живее во него, и веќе не ќе има проклетство; Ерусалим ќе живее во безопасност.

12 А еве со која рана Господ ќе ги удри сите народи кои ќе завојуваат против Ерусалим: месото ќе им се распаѓа додека бидат на нозе; очите ќе им гнијат во очните дупки, јазикот ќе гние во устата.

13 Во оној ден ќе настане меѓу нив силен смут од Господа; едниот ќе го фаќа другиот за рака, и раката на едниот ќе се крева против другиот.

14 И Јуда ќе се бори во Ерусалим. Тука ќе се соберат богатствата на сите околни народи: злато, сребро, облека во големо изобилство.

15 А слична рана ќе падне на коњите, мазгите, камилите и ослите, и на сета стока што ќе се најде во нивните логори.

16 Кој ќе преживее од сите народи што дојдоа против Ерусалим ќе доаѓаат од година во година за да се поклонат пред Царот, пред Господа над Воинствата, и за да го слават празникот Сеници.

17 Ако некое племе на земјата не дојде во Ерусалим за да се поклони пред Царот, пред Господа над Војските, не ќе има дожд за него.

18 Ако египетското племе не се искачи и не дојде, ќе го стигне истиот удар со кој Господ ќе ги удри народите кои не би дошле да го празнуваат празникот Сеници.

19 Таква ќе им биде казната на Египет и на сите народи кои не ќе дојдат да го празнуваат празникот Сеници.

20 Во оној ден ќе стои врз коњските прапорци: „Посветен на Господа;” а во Господовиот Дом ќе бидат грнци како жртвени чаши пред жртвеникот;

21 и секој грнец во Ерусалим и во Јудеја ќе Му биде посветен на Господа над Воинствата - сите кои што ќе сакаат да жртвуваат ќе ги земаат и ќе варат во нив. И во оној ден не ќе има веќе трговци во Домот на Господа над Војските.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14