Захарија 12 MKB

1 Пророштво. Господова беседа за Израел. Зборува Господ Кој ги оптегна небесата, ја основа земјата и му создаде дух на човекот во него:

2 „Еве, ќе го направам Ерусалим опојна чаша за сите народи наоколу - за време на опсадата на Јуда и Ерусалим.

3 Во оној ден ќе го направам Ерусалим тежок камен за сите народи: сите кои ќе го дигаат ќе се ранат тешко, а ќе се соберат против него сите народи на земјата.

4 Во оној ден - говори Господ - ќе ги поразам сите коњи со страв, а нивните јавачи со безумност. Но над Јудиниот дом ќе ги отворам очите, а со слепило ќе ги поразам сите коњи и народите.

5 Тогаш Јудините кнезови ќе речат во срцето: ‘Силата на Ерусалим е во Господа над Војските, нивниот Бог!’

6 Во оној ден ќе направам Јудините кнезови да бидат како жар вжарена на дрва, како запалена гламна сред снопови: и ќе ги голта оддесно и одлево сите народи наоколу. А Ерусалим ќе стои и натаму на своето место.

7 Господ ќе ги спаси најнапред Јудините шатори за да не се издигнат над Јуда гордоста на Давидовиот дом и гордоста на Ерусалимците:

8 Во оној ден Господ ќе ги закрили Ерусалимците: најслабиот меѓу нив ќе биде во оној ден како Давид, а Давидовиот дом ќе биде како Бог, како Господов ангел пред нив.

9 Во оној ден ќе барам да ги уништам сите народи кои го нападнаа Ерусалим.

10 А врз Давидовиот дом и врз Ерусалим ќе излеам милостив и молитвен дух. И ќе гледаат на Оној Кого го прободија; ќе тажат над Него како над единец; ќе го оплакуваат горко како првенец.

11 Во оној ден ќе настане голем плач во Ерусалим, како плачот во Ададримон, во Мегидонската Рамница.

12 И земјата ќе плаче; секое семејство насамо, и нивните жени насамо: семејството на Давидовиот дом насамо, и нивните жени насамо; семејството на Натановиот дом насамо, и нивните жени насамо;

13 семејството на Левиевиот дом насамо, и нивните жени насамо; семејството Семеево насамо, и нивните жени насамо;

14 и сите други семејства, секое семејство за себе, и нивните жени насамо.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14