1 Ги подигнав очите и видов: и ете: човек, а во неговата рака мерачко јаже.
2 Го прашав: „Каде одиш?” Ми одговори: „Да го измерам Ерусалим и да видам колку е широк а колку долг.”
3 И ете, ангелот кој зборуваше со мене стоеше неподвижно, а друг му излезе во пресрет
4 и му рече: „Трчи, речи му на оној млад човек вака: ‘Ерусалим ќе биде како отворен град заради мноштвото луѓе и добиток кои ќе бидат во него.
5 А Јас - говори Господ - ќе му бидам огнен ѕид наоколу и негова Слава сред него.’”
6 „Еј! Еј! Бегајте од Северната Земја - говори Господ - зашто во сите четири небесни ветра ве распрснав - говори Господ!
7 Еј, Сиону, кој живееш кај вавилонската ќерка, спаси се!”
8 Вака зборува Господ над Воинствата чија Слава ме испрати кај народите кои ве ограбија: „Кој ве допира, Ми ја допира зеницата на окото.
9 Ете, ја подигам раката против нив за да им бидат плен на своите робови. Така ќе знаете дека ме испрати Господ над Војските!
10 „Воскликнувај и радувај се, Сионска Ќерко, зашто еве, доаѓам да престојувам сред тебе.
11 Господ зборува. Во оној ден многу народи ќе се прилепат кон Господа, и ќе бидат Мој народ, а Јас ќе престојувам сред тебе. Така ќе знаеш дека Господ над Воинствата ме испрати кај тебе.
12 И Јудеја ќе биде Господово наследство, Негов дел во Светата Земја, и Тој пак ќе го избере Ерусалим.
13 Да молкнат сите луѓе, пред Господа, зашто, еве, Тој станува од Своето Свето живеалиште.”