Захарија 6 MKB

1 И ги подигнав очите и видов: ете, четири бојни коли излегуваат меѓу две гори; а горите беа од бронза.

2 Во првата кола беа костенливи коњи; во втората кола црни коњи;

3 во третата кола бели коњи, а во четвртата кола лисести коњи.

4 Му се обратив на ангелот кој зборуваше со мене и го прашав: „Што е тоа господару?”

5 Ангелот ми одговори вака: „Тие тргнуваат кон четирите страни на небото откако стоеја пред Господарот на целата земја.

6 Костенливите коњи тргнуваат во Источната Земја; црните во Северната Земја; белите во Западната Земја, а шароликите во Јужната Земја.”

7 Тие чекорат цврсто, нестрпливи за да ја обиколат земјата! И тие тргнаа да ја обиколуваат земјата.

8 Тој ме повика и ми рече: „Гледај, оние што тргнаа во Северната Земја ќе го смират мојот дух во Северната Земја.”

9 И ми дојде Господово слово:

10 „Земи приноси од заточениците - од Хелдај, од Тобиј и од Једај - и тргни денес и влези во домот на Јосиј, синот Софониев, кој дојде од Вавилон.

11 Земи сребро и злато, направи круна и стави ја на главата на Исус синот Јоседеков, велесвештеник.

12 И речи му: „Господ над Војските зборува вака: ‘Еве го човекот кому му е името Подник; од под него ќе израсне и тој ќе го изгради Господовиот Храм.

13 Тој ќе го изгради Господовото Светилиште и ќе се прослави. Тој ќе седи и ќе владее на својот престол. А ќе биде и свештеник на престолот свој. Совршена складност ќе биде меѓу нив.”‘

14 „А круната нека остане во Господовото Светилиште за спомен на Елема, Тобиј, Једај и Јосиј, синот Софониев.

15 И оние што се далеку ќе дојдат и ќе го изградат Господовото Светилиште. Така ќе знаете дека Господ над Воинствата ме испрати кај вас. Тоа ќе се збидне ако навистина го послушате гласот на Господа, вашиот Бог.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14