Захарија 11 MKB

1 Отвори ја вратата, Ливанону, огнот нека ти ги изгори кедровите!

2 Лелекај, чемпресу, зашто падна кедарот, зашто се упропастени силниците! Ридајте, васански дабови, зашто е исечена најгустата гора.

3 Чуј го ридањето на пастирите, запустен е нивниот сјај! Чуј го рикањето на лавчињата, запустена е јорданската гордост!

4 Господ мојот Бог ми рече вака:

5 „Паси ги овците за колење! Нивните купувачи ги колат неказнето, а кои ги продаваат велат: ‘Благословен да биде Господ, се збогатив!’ и нивните пастири не ги штедат.

6 Ни Јас веќе не ќе ги штедам жителите на земјата - говори Господ - туку: еве, го предавам секого во рацете на неговиот ближен и во рацете на неговиот цар, и тие ќе ја разурнат земјата, а Јас нема да ги избавам од нивните раце.”

7 Почнав да ги пасам овците за колење на трговците со овци та зедов два стапа: едниот го нареков благост, другиот врска. Така го пасев стадото.

8 И во еден месец истребив три пастири. Но и овците ми здодеаја, Ме замразија.

9 Тогаш реков: „Не ќе ве пасам веќе! Која треба да пцовиса, нека пцовиса! Која треба да ја снема, нека ја снема! А кои ќе останат, една на друга нека си го изедат месото!”

10 Тогаш го зедов мојот жезол благост и го скршив за да го раскинам Заветот што го имав склучено со сите народи.

11 И тој беше раскинат во оној ден, и трговците со овци кои гледаа, научија дека тоа беше Господово слово.

12 Тогаш им реков: „Ако ви е добро тоа, дајте ми плата; ако не е, не давајте.” Тие ми ја одмерија платата триесет сребреници.

13 А Господ ми рече: „Фрли ја во ризницата таа убава цена со која ме оценија!” Јас ги зедов триесетте сребреници и ги фрлив во ризницата на Господовиот Дом.

14 Тогаш го скршив и својот втор жезол, врските - за да го раскинам братството меѓу Јуда и Израел.

15 И Господ ми рече: „Земи ја уште опремата на безумниот пастир,

16 зашто, еве, ќе подигнам еден безумен пастир во оваа земја: тој нема да се грижи за изгубените, не ќе ги бара заскитаните, не ќе ги лечи ранетите, не ќе ги носи изнемоштените, туку ќе јаде месо од дебелите и ќе им ги кине копитата.

17 Тешко му на неспособниот пастир, кој го остава стадото! Мечот нека му ги стигне раката и десното око! Десницата нека му се исуши сосем, десното око нека се затемни сосем!”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14