1 Во четвртата година на царот Дариј, во четвртиот ден на деветиот месец, Хаслев, му дојде Господовото слово на Захарија.
2 Имено Ветил ги испрати Сар-Асар и Реге-Мелех со нивните луѓе да го молат Господовото лице
3 и да ги прашаат свештениците во Домот на Господа над Воинствата и пророците: „Дали да плачам во петтиот месец и да постам како што правев веќе толку години?”
4 Тогаш ми дојде Господовото слово: „Речи им на сиот народ во земјата и на свештениците:
5 ‘Кога постите и тажите во петтиот и во седмиот месец веќе седумдесет години, зар Мене Ми постите?
6 А кога јадете и пиете, зар не јадете и пиете за себе?
7 Не се ли тие прописите што Господ ги објави преку некогашните пророци кога Ерусалим беше населен и мирен како и градовите околу него, и кога беа населени Негев и Шефел?’”
8 Господовото слово му дојде на Захарија:
9 „Господ над Војските зборува вака: ‘Судете справедливо и бидете милостиви и сострадателни едни кон други.
10 Не угнетувајте ги вдовицата ни сиракот, ни придојденикот ни бедниот, и не смислувајте зло во срцето еден против другиот.’
11 Не, тие не сакаа да послушаат, туку упорно ги свртија плеќите; ги затнаа ушите за да не чујат;
12 окоравеа со срцето како камен, за да не ги чујат Законот и зборовите кои им ги праќаше Господ над Воинствата, со Својот Дух, преку древните пророци, и Господ над Војските тогаш се разгневи силно.
13 И затоа, како што Тој ги викаше а тие не Го слушаа, така сега тие викаат а Јас не ги слушам - говори Господ над Војските.
14 И ги распрснав меѓу сите народи кои не ги познаваа, а земјата зад нив беше запустена, та никој не поминуваше низ неа ниту се враќаа. Така земјата на благосостојба ја претворија во пустина!”