Захарија 9 MKB

1 Бреме на Господовото слово против земјата Адрах и Дамаск, негово почивалиште; Зашто Господови се градовите на Арам и сите племиња на Израел.

2 Емат исто така, кој граничи со нив,

3 и Тир и Сидон, толку мудар. Тир изгради тврди ѕидишта, собра сребро како прав и злато како кал од улиците.

4 Но ете, Господ ќе го освои, ќе ја фрли во море неговата сила, а него ќе го проголта оган.

5 Аскалон ќе го види тоа и ќе се исплаши, а Газа ќе затрепери сета, и Акарон, зашто го измами надежта: ќе го снема царот од Газа, Аскалон ќе остане пуст.

6 „Туѓинци ќе живеат во Азот! Ќе ја сотрам гордоста на Филистејците,

7 ќе им ги отстранам крвта од устата и гадоста од забите. И тие ќе Му припаднат на нашиот Бог и ќе бидат како водач во Јудеја, а Акарон ќе биде како Евусеец.

8 И ќе се настанам како стража покрај Својот Дом, против оние кои доаѓаат и заминуваат; угнетувач веќе нема да поминува оттука, зашто ја видов неговата беда.

9 Ликувај од радост Сионска Ќерко! Воскликнувај, Ерусалимска Ќерко! Еве твојот Цар иде при тебе: справедлив е и спасува, кроток и седнал на осле, на ослица, младенче на ослицата.

10 Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрем и коњите во Ерусалим; и ќе биде скршен бојниот лак. Тој ќе им навести мир на народите; власта ќе му се прошири од море до море и од Реката до краиштата на земјата.

11 А и тебе, заради крвта на твојот Завет, ќе ти ги ослободам твоите заточеници од безводните јами.

12 Вратете се во тврдината, заточеници полни со надеж, уште денес - Јас навестувам - двојно ќе ти вратам.

13 Зашто, Јуда го оптегнав како лак, а Ефрема го ставив како стрела: твоите синови, о Сионе, ќе ги подигнам против твоите синови, о Јаване - и ќе те направам како меч на јунак.”

14 Тогаш Господ ќе се појави над нив и Неговата стрела ќе лета како молња. Господ Бог ќе затруби во рог, ќе оди врз јужните виори.

15 Господ над Силите ќе ги заштити, и тие ќе ги газат со нозе камењата од праќките, ќе пијат и ќе подвикнуваат како од вино, ќе се наполнат како жртвените чаши, како аглите на жртвеникот.

16 Господ Бог нивниот ќе ги спаси во оној ден; како стадо Тој ќе го пасе Својот народ; како бесцено камење на круната, тие ќе блескаат во Неговата земја.

17 Ах, колку среќен, колку убав, ќе биде! Младите ќе растат од жито, а девиците од благото вино.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14