1 Барајте од Господа дожд во пролетно време! Господ ги создава молњите и дава дожд; му дава леб на човекот а трева на добитокот.
2 Лажно вражат киповите на божествата, гатачите гледаат измама, соништата зборуваат измама, даваат измамлива утеха, затоа луѓето скитаат како стадо, скитаат, немаат пастир.
3 „Мојот гнев пламна против пастирите, и Јас ќе ги казнам јарците. Да, Господ над Војските ќе го посети Своето стадо, Јудиниот дом, и ќе направи да бидат како неговиот накитен коњ во бој;
4 од него ќе излезат крајаглениот камен, шаторскиот клин, од него бојниот лак, од него сите водачи.
5 Ќе бидат заедно како јунаци кои во бојот газат како по улична кал; ќе војуваат зашто Господ е со нив, и ќе ги засрамат оние кои јаваат коњи.
6 Ќе го зајакнам Јудиниот дом, ќе го спасам Јосифовиот дом. Пак ќе ги населам, ми е жал за нив, и ќе биде како да не сум ги отфрлил, зашто Јас Сум Господ, нивниот Бог - ќе ги послушам.
7 Ефремците ќе бидат како јунаци, и ќе им се радува срцето како од вино: ќе ги видат своите синови и ќе се веселат, во Господа ќе воскликнува нивното срце.