Захарија 11:1-7 MKB

1 Отвори ја вратата, Ливанону, огнот нека ти ги изгори кедровите!

2 Лелекај, чемпресу, зашто падна кедарот, зашто се упропастени силниците! Ридајте, васански дабови, зашто е исечена најгустата гора.

3 Чуј го ридањето на пастирите, запустен е нивниот сјај! Чуј го рикањето на лавчињата, запустена е јорданската гордост!

4 Господ мојот Бог ми рече вака:

5 „Паси ги овците за колење! Нивните купувачи ги колат неказнето, а кои ги продаваат велат: ‘Благословен да биде Господ, се збогатив!’ и нивните пастири не ги штедат.

6 Ни Јас веќе не ќе ги штедам жителите на земјата - говори Господ - туку: еве, го предавам секого во рацете на неговиот ближен и во рацете на неговиот цар, и тие ќе ја разурнат земјата, а Јас нема да ги избавам од нивните раце.”

7 Почнав да ги пасам овците за колење на трговците со овци та зедов два стапа: едниот го нареков благост, другиот врска. Така го пасев стадото.