1 Во оној ден ќе им се отвори извор на Давидовиот дом и на Ерусалимците, за да се измијат од гревот и од нечистотата.
2 Во оној ден - говори Господ над Воинствата - ќе ги откорнам од земјата имињата на киповите за да не се спомнуваат веќе; ќе ги оддалечам од земјата и пророците и духот на нечистотата.
3 Ако некој уште ќе пророкува таткото и мајката кои го родија ќе му речат: ‘Не ќе живееш веќе, зашто зборуваш лага во Господово име!’ Таткото и мајката, кои го родија, ќе го прободат кога ќе пророкува.
4 Во оној ден секој пророк ќе се срами од своето видение: не ќе се наметнуваат веќе со наметка од козина за да лажат,
5 туку ќе рече: ‘Јас не сум пророкот; јас сум земјоделец, земјата е мое добро од младоста!’
6 Ако некој го праша: ‘Какви ти се тие рани по рацете?’ тој ќе одговори: ‘Ранет сум кај пријателите.’