Откровение 1:1-7 MKB

1 Откровение на Исуса Христа, што Бог Му го даде, за да им покаже на Своите слуги, што треба да стане скоро, и Тој го покажа тоа преку Својот ангел, испратен при Својот слуга Јован,

2 кој го посведочи Божјото Слово и сведоштвото на Исуса Христа, сè што виде.

3 Блажен е кој чита и блажени се кои ги слушаат зборовите на пророштвото и го пазат напишаното во него, зашто времето е близу.

4 Јован до седумте цркви во Азија: Благодат вам и мир од Оној, Кој е и Кој беше и Кој иде, и од седумте Духови, Кои се пред Неговиот престол,

5 и од Исуса Христа, Кој е верен Сведок, Првороден од мртвите и Владетел на земните цареви, Нему, Кој нè љуби и Кој нè изми од нашите гревови во Својата крв,

6 и нè направи цареви и свештеници на Бога, и на Својот Татко - Нему слава и моќ во вечни векови, амин!

7 Еве, доаѓа со облаците и ќе Го види секое око, и оние, кои Го прободоа, и сите земни племиња ќе заридаат за Него. Да, амин!