Откровение 10 MKB

1 И видов друг силен ангел како слегува од небото, облечен со облак, и имаше божилак на неговата глава; а неговото лице беше како сонце, а неговите нозе како огнени столбови,

2 и во својата рака држеше мал книжен свиток, кој беше отворен. И ја постави својата десна нога на морето, а левата на земјата,

3 и извика со силен глас, како лав што рика. А кога извика, седум громови проговорија со своите гласови.

4 А кога седумте громови проговорија со своите гласови, сакав да пишувам; тогаш чув глас од небото, што зборуваше: „Запечати го тоа, што го рекоа седумте громови, и не пишувај го!”

5 И ангелот, кого го видов да стои на морето и на земјата, ја крена својата десница кон небото

6 и се заколна во Оној, Кој живее во вечни векови; Кој го создаде небото и што е во него, и земјата и што е на неа, и морето и што е во него: дека не ќе има веќе време;

7 туку во деновите на гласот на седмиот ангел, кога ќе затруби, ќе се исполни Божјата тајна, како што им проповедуваше на своите слуги - пророците.

8 И гласот, што го чув од небото, пак проговори со мене и рече: „Оди, земи го малиот книжен свиток што е отворен, во раката на ангелот, кој стои на морето и на земјата!”

9 И отидов при ангелот и му реков да ми го даде малиот свиток. И ми рече: „Земи го и изеди го! И ќе ти ја направи утробата горчлива; но во твојата уста ќе биде благ како мед.”

10 И го зедов малиот свиток од раката на ангелот и го изедов; и во мојата уста беше сладок како мед, но кога го изедов, мојата утроба стана горчлива.”

11 И ми беше речено: „Треба повторно да пророкуваш за многу народи, народности, јазици и цареви.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22