Откровение 18 MKB

1 Потоа видов друг ангел, како слегува од небото, кој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава.

2 И извика со силен глас, велејќи: „Падна, падна големиот Вавилон, и стана демонско живеалиште и засолниште на сите нечисти духови, и засолниште на сите нечисти и гадни птици,

3 зашто сите народи пиеја од виното на нејзиното распалено блудство, и земните цареви блудствуваа со неа, и земните трговци се збогатија од нејзината претерана раскош!”

4 И чув друг глас од небото да вели: „Излезете од неа, народе Мој, за да не бидете соучесници во нејзините гревови и да не ги примите нејзините зла;

5 зашто нејзините гревови стигнаа до небото и Бог си спомна за нејзините неправди.

6 Платете и како што и таа ви плаќаше вам; и вратете и двојно, според нејзините дела; во чашата, во која таа налеваше, налејте и двојно!

7 Колку што се прослави себеси и живееше раскошно, дајте и толку маки и тага, зашто вели во своето срце: „седам како царица и не сум вдовица и нема да видам тага.”

8 Затоа во еден ден ќе дојдат нејзините зла: помор, тага и глад, и ќе биде изгорена со оган; зашто е силен Господ Бог, Кој ја суди.”

9 ”И ќе заплачат и ќе заридаат по неа земните цареви, кои блудствуваа со неа и уживаа во нејзиниот раскош, кога ќе го видат димот од нејзиното горење.

10 Стоејќи далеку, заради стравот од нејзините маки, ќе зборуваат: „Леле, леле, голем граде Вавилоне, силен граде, зашто во еден час дојде твојата пресуда!”

11 ”И земните трговци ќе плачат и ќе ридаат по неа, зашто никој веќе не ги купува нивните стоки,

12 стоки од: злато и сребро, скапоцени камења и бисери, од лен и од порфир, од свила, од црвена ткаенина и од секакво мирисливо дрво; и секакви предмети од слонова коска, и секакви предмети од најскапоцено дрво, и од бронза и од железо и мермер;

13 цимет и балзам, и мириси и масти, и темјан и вино, и масло и бело брашно и пченица, и говеда и овци, и коњи и коли, и тела и човечки души.

14 И овошките, по кои копнееше твојата душа, си отидоа од тебе, и секое изобилство и секој сјај ти пропадна, и нема веќе да го најдеш.”

15 ”Трговците на тие нешта, кои се збогатија, ќе стојат далеку, заради страв од нејзините маки, ќе плачат и ќе ридаат,

16 велејќи: „Леле Леле! голем граде, облечен во лен и во порфир и во црвена ткаенина; украсен со злато и со скапоцени камења и со бисери,

17 зашто во еден миг пропадна толкаво богатство! „И секој кормилар и секој морепловец и морнар и сите, кои работат на море застанаа далеку

18 и викаа, гледајќи го димот на неговото горење, велејќи: „Кој беше како овој голем град?”

19 И ги посипаа своите глави со прав, и викаа со плач и тага, велејќи: „Леле! Леле, голем граде! во кого се збогатија сите, кои имаат кораби по морето, од неговите скапоцености, зашто запусте во еден час!

20 Веселете се над неа, небо и вие свети, и вие апостоли, и вие пророци, зашто Бог го изврши вашиот суд над неа.

21 И еден силен ангел подигна камен, голем како воденички камен и го фрли во морето, велејќи: „Со вакво замавнување ќе биде фрлен големиот град Вавилон, и нема веќе да се најде!”

22 И глас на китаристи и свирачи и флејтисти и трубачи, нема веќе да се чуе во тебе; и никаков уметник од ниедна уметност нема веќе да се најде во тебе; и шум од воденица нема веќе да се чуе во тебе;

23 и светлината на светилото нема веќе да свети во тебе; и глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе; зашто твоите трговци беа големци на земјата; зашто со твоите вражања беа измамени сите народи,

24 и во неа се најде крвта на пророците и на светите и на сите, кои беа заклани на земјата.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22