Откровение 6 MKB

1 И видов кога Јагнето отвори еден од седумте печати и чув како едно од живите суштества да вика како со глас на грмотевица: „Дојди!”

2 И видов, и ете, бел коњ, а оној кој седеше на него имаше лак; и му беше дадена круна, и излезе победувајќи и да победи.

3 И кога го отвори вториот печат, чув друго живо суштество како зборува: „Дојди и види!”

4 И излезе друг, црвен коњ, а на оној, кој седеше на него, му беше дадено да го земе мирот од земјата, за да се убиваат луѓето меѓусебно; и му беше даден голем меч.

5 И кога го отвори третиот печат, го чув третото живо суштество како зборува: „Дојди и види!” И видов, и ете, црн коњ, а оној, кој седеше на него, имаше терезија во својата рака.

6 И чув како глас - меѓу четирите живи суштества да зборува: „Една мера пченица за денариј и три мери јачмен за денариј! А на маслото и виното не им нанесувај штета!”

7 И кога го отвори четвртиот печат, го чув гласот на четвртото живо суштество како зборува: „Дојди!”

8 И видов, и ете, сив коњ, а на оној, кој седеше на него името му беше смрт, и Подземјето идеше по него, и ним им беше дадена власт над четвртина од земјата, да убиваат со меч и со глад и со помор и со дивите ѕверови на земјата.

9 И кога го отвори петтиот печат, ги видов под жртвеникот душите на закланите заради Божјото слово и заради сведоштвото што го имаа.

10 И извикаа со силен глас, велејќи: „До кога, свет и вистински Господару нема да судиш и да ја одмаздиш нашата крв над оние, кои живеат на земјата?”

11 И на секого од нив му беше дадена бела облека и им беше речено да починат уште малку време, додека не биде исполнет бројот на нивните сослужители и браќа, кои ќе бидат убиени како и тие.

12 И видов кога го отвори шестиот печат, и се збидна голем земјотрес; и сонцето поцрне како вреќа од кострет, а целата месечина стана како крв,

13 и небесните ѕвезди паднаа на земјата, како што смоквата ги стресува своите незрели плодови, кога ќе ја затресе силен ветер;

14 и небото се истрга како книга што се свиткува; и сите гори и сите острови се поместија од своите места.

15 И земните цареви, и големците, и војсководците, и богатите, и силниците, и секој роб и секој слободник се сокрија во пештерите и по горските камењари,

16 велејќи им на горите и на карпите: „Паднете врз нас и скријте нè од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето,

17 зашто дојде великиот Ден на Неговиот гнев, и кој може да се одржи?”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22