Откровение 2 MKB

1 На ангелот на црквата во Ефес напиши му: ова го зборува Оној, Кој ги држи седумте ѕвезди во Својата десница, Кој оди среде седумте златни светилници.

2 Ги знам твоите дела и твојот труд и твоето трпение; и дека не можеш да ги поднесуваш лошите, и ги испита оние, кои тврдеа дека се апостоли, а не се, и најде дека се лажци;

3 и имаш трпение, и си претрпел за Моето име, си се трудел, и не се умори.

4 Но имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов.

5 И така, спомни си од каде падна, и покај се, и врши ги своите први дела; а ако не, скоро ќе дојдам при тебе и ќе го отстранам твојот светилник од неговото место, ако не се покаеш.

6 Туку ова го имаш: ги мразиш делата на николаитите, кои и Јас ги мразам.

7 Кој има уво, нека чуе, што им говори Духот на црквите: „На оној, кој победува, ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое што е среде Божјиот рај!”

8 И на ангелот на црквата во Смирна напиши му: „Ова го зборува Првиот и Последниот, Кој умре и оживе:

9 ги знам твоите дела неволјата и сиромаштвото - но ти си богат - и хулите на оние, кои зборуваат дека се Јудејци, а не се, туку се сатанска синагога.

10 Не бој се од она, што ќе претрпиш. Ете, ѓаволот ќе фрли некои од вас во темница, за да бидете искушувани, и ќе бидете во неволја десет дни. Биди верен до смрт и ќе ти дадам круната на животот.

11 Кој има уво, нека чуе, што им говори Духот на црквите: „ На оној кој победува - втората смрт нема да му нанесе штета.”

12 На ангелот на црквата во Пергам напиши му: „Ова го вели Оној, Кој има меч остар од двете страни:

13 ги знам делата твои, и каде живееш, каде е престолот на сатаната; и го држиш Моето име, и не се одрече од верата во Мене, ни во деновите на Мојот верен сведок Антипа, кого го убија кај вас, каде живее сатаната.

14 Но имам нешто малку против тебе: зашто имаш таму некои, кои го држат учењето на Валаама, кој го учеше Валака да ги наведе на соблазан Израелевите синови, за да јадат идоложртвуваното и да блудствуваат.

15 Така и ти имаш некои, кои го држат на ист начин учењето на николаитите, кое го мразам.

16 Затоа, покај се! Ако пак не, ќе дојдам скоро при тебе и ќе завојувам против нив, со мечот на Мојата уста.”

17 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите: „На оној, кој победува, ќе му дадам од скриената мана, ќе му дадам и бел камен и на каменот напишано ново име, што никој не го знае, освен оној, кој го добива.”

18 И на ангелот на црквата во Тиатир напиши му: „Ова го зборува Божјиот Син, Кој има очи како огнен пламен, а нозете му се како сјаен бакар.

19 Ги знам твоите дела, и твојата љубов и верата и службата, и твоето трпение, и твоите последни дела, кои се повеќе од првите.

20 Но имам нешто против тебе: што ја трпиш жената Језавела, која се наречува себеси пророчица и која ги учи и ги заблудува Моите слуги, за да блудствуваат и да јадат идоложртвувано.

21 дадов време да се покае, но не сака да се покае за своето блудство.

22 Еве, ќе ја фрлам на постела, и со неа оние, кои прељубодејствуваа со неа, во голема неволја, ако не се покајат за своите дела.

23 И ќе и ги погубам децата, и сите цркви ќе знаат дека Јас Сум Тој, Кој ги испитува бубрезите и срцата, и ќе му дадам секому од вас, според неговите дела.

24 А вам и на другите во Тиатир, кои не го држат ова учење, кои - како што велат - не ги запознаа сатанските длабочини, ви велам: не ви наложувам друго бреме.

25 Но држете го она, што го имате, додека дојдам.

26 И на оној, кој победува, и ги пази Моите дела до крај, нему ќе му дадам власт над народите,

27 и ќе ги пасе со железна палка; и тие ќе се строшат како глинени садови; како што и Јас примив од Мојот Татко.

28 И ќе му ја дадам ѕвездата Деница.

29 Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите!”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22