Откровение 14 MKB

1 И видов, и ете, Јагнето стои на Сионската гора, а со него сто и четириесет и четири илјади, кои го имаа напишано, на своите чела, Неговото име и името на Неговиот Татко.

2 И чув глас од небото, како шум на многу води и како грмеж од силен гром; а гласот, што го чув, беше како од китаристи, кои свират на своите китари.

3 И пееја нова песна пред престолот и пред четирите живи суштества и пред старешините, и никој не можеше да ја научи песната, освен оние сто и четириесет и четири илјади, кои беа откупени од земјата.

4 Тоа се оние, кои не се осквернија со жени; имено, тоа се девственици. Тие одат по Јагнето, каде и да оди. Тие се откупени меѓу луѓето, како првенци на Бога и на Јагнето,

5 и лага не се најде во нивната уста; тие се непорочни.

6 И видов друг ангел како лета посреде небото, имајќи вечно Евангелие, за да им го проповеда на жителите на земјата: и на секоја народност и на секое племе и јазик и народ,

7 и зборуваше со силен глас: „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто дојде часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори.

8 И друг, втор, ангел дојде по него, велејќи: „Падна, падна големиот Вавилон, кој ги напои сите народи со страсното вино на своето блудство.”

9 И друг, трет, ангел дојде по него, велејќи со силен глас: „Ако некој му се поклони на Ѕверот, и на неговиот лик, и прими ознака на своето чело или на својата рака,

10 и самиот ќе пие од виното на Божјиот гнев, што е налеано чисто во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур, пред светите ангели и пред Јагнето.

11 И димот од нивното измачување ќе се издига во вечни векови, и не ќе имаат починка, ни дење ни ноќе, оние кои му се поклонуваат на Ѕверот и на неговиот лик, и кој ја прима ознаката на неговото име.”

12 Тука е трпението на светите, кои ги пазат Божјите заповеди и верата во Исуса.

13 И чув глас од небото, што ми велеше: „Напиши: Блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа. ‘Да, вели Духот, нека починат од своите трудови, зашто нивните дела одат по нив.’

14 И видов, и ете, бел облак, а на облакот седеше Еден сличен на Човечкиот Син, со златна круна на главата и со остар срп во раката.

15 И еден друг ангел излезе од храмот и му извика со силен глас на Оној, Кој седеше на облакот: „Испрати го својот срп и жниј, зашто дојде твојот час за жниење, зашто е зрела жетвата на земјата. „

16 И оној, кој седеше на облакот, го фрли својот срп на земјата, и земјата беше пожнеана.

17 И друг ангел излезе од храмот, што е во небото, и тој имаше остар срп.

18 И друг ангел, кој имаше власт над огнот дојде од жртвеникот, и му извика со силен глас на оној, кој имаше остар срп: ‘Испрати го својот остар срп, и обери го грозјето од земното лозје, зашто неговото грозје е веќе зрело.’

19 И ангелот го фрли својот срп на земјата, и го обра земното лозје и го стави во големата каца на Божјиот гнев.

20 И кацата беше изгазена надвор од градот, и од кацата потече крв до уздите на коњите, на растојание од илјада и шестотини стадии.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22