Откровение 8 MKB

1 И кога го отвори седмиот печат, настана тишина на небото, околу половина час.

2 И ги видов седумте ангели, кои стоеја пред Бога. И им беа дадени седум труби.

3 И дојде друг ангел, со златна кадилница, и застана при жртвеникот; и му беше даден многу темјан, за да го додаде со молитвите на сите свети, врз златниот жртвеник пред престолот.

4 И се издигна пред Бога, од ангеловата рака, темјановиот дим со молитвите на светите.

5 И ангелот ја зеде кадилницата, ја наполни со оган од жртвеникот и ја фрли на земјата; и настанаа громови и гласови и молњи и земјотрес.

6 А седумте ангели, кои имаа седум труби, се подготвија да затрубат.

7 И првиот затруби, и настана град и оган, помешани со крв, и тоа беше фрлено на земјата; и изгоре третина од земјата; и изгоре третина од дрвјата; и изгоре сета зелена трева.

8 И вториот ангел затруби: и како голема гора, пламната со оган, беше фрлена во морето: и третината од морето стана крв,

9 и изумре третина од живите суштества во морето и пропадна една третина од бродовите.

10 И третиот ангел затруби: од небото падна голема ѕвезда, која гореше како светило и падна врз третината од реките и на водните извори.

11 А името на ѕвездата е Пелин. И третината од водите стана пелин и многу луѓе изумреа од водите, бидејќи беа загорчени.

12 И четвртиот ангел затруби: и беше удрена третината од сонцето и третината од месечината и третината од ѕвездите, за да потемнее третиот дел од нив, и третиот дел од денот да не свети, а исто така и од ноќта.

13 И видов и чув еден орел како лета посреде небото, велејќи со силен глас: „Тешко, тешко, тешко им на оние, кои живеат на земјата, заради другите трубни гласови на тројцата ангели, кои ќе затрубат.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22