1 Потоа чув како силен глас од множество на небото, да зборува: „Алилуја! Спасението, и славата, и честа, и силата Му припаѓаат на нашиот Бог,
2 зашто се вистински и праведни Неговите судови! Зашто ја осуди големата блудница, која ја расипа земјата со своето блудство, и врз неа ја одмазди крвта на Своите слуги.”
3 И по вторпат рекоа: „Алилуја! И нејзиниот дим се издига во вечни векови!”
4 И паднаа дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества, и Му се поклонија на Бога, Кој седи на престолот, велејќи: „Амин! Алилуја!”
5 А од престолот излезе глас, кој велеше: „Фалете Го нашиот Бог сите Негови слуги и вие, кои се боите од Него, мали и големи.”
6 И чув како глас од големо множество, и како шум на големи води, и како глас на силни громови, кои велат: „Алилуја! зашто се зацари нашиот Господ Бог - Сèмоќниот!
7 Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, зашто дојде Јагнетовата свадба и Неговата жена се приготви,
8 и беше дадено да се облече во светло и чисто ленено платно; имено, платното, тоа се праведните дела на светите.
9 И ми рече: „Напиши: Блажени се оние, кои се повикани на Јагнетовата свадба.” Уште ми рече: „Овие се вистински Божји зборови!”
10 И паднав пред неговите нозе, да му се поклонам; и ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој и на твоите браќа, кои го имаат Исусовото сведоштво. Поклони Му се на Бога, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.”
11 И видов отворено небо, и ете, бел коњ, и Оној, Кој седеше на него, се вика Верен и Вистинит, и суди и војува праведно.
12 Очите Му се огнен пламен, а на главата многу круни и носи напишано име, кое никој не го знае освен Него.
13 И беше облечен во облека потопена во крв, и името Му е: Божјо Слово.
14 А небесните војски на бели коњи, облечени во бел, чист лен, го следеа.
15 И од Неговата уста излезе остар меч, за да ги удира со него народите; и Тој ќе им биде Пастир со железна палка; и Тој ќе ја гази кацата на виното на лутиот гнев на Бога Сèмоќниот.
16 А на Неговата наметка и на Неговото бедро има напишано име: „Цар на царевите и Господар на господарите.”
17 И видов еден ангел како стои на сонцето и извика со силен глас, зборувајќи им на сите птици, што летаат среде небото: „Дојдете и соберете се на големата Божја гозба,
18 да јадете месо од цареви и месо од војводи и месо од силни; и месо од коњи и од оние, кои седат на нив и месо од сите слободни и робови, и мали и големи.”
19 И го видов Ѕверот и земните цареви и нивните војски - собрани, за да војуваат против Оној, Кој седи на коњот и против Неговата војска.
20 И Ѕверот беше фатен, заедно со лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, со кои ги заведе оние, кои ја примија ознаката на Ѕверот и кои се клањаа на неговиот лик; и обајцата беа фрлени живи во огненото езеро, што гори со сулфур.
21 Другите пак беа убиени со мечот, што излегуваше од устата на Оној, Кој седеше на коњот, и сите птици се наситија со нивното месо.