Откровение 9 MKB

1 И петтиот ангел затруби: и видов ѕвезда, што падна од небото на земјата, и и беше даден клучот од кладенецот на Бездната.

2 И го отвори кладенецот на Бездната, и од кладенецот се издигна дим, како дим од голема печка, а сонцето и воздухот потемнеа од димот на изворот.

3 И од димот излегоа скакулци по земјата, па им беше дадена сила, каква имаат земните скорпии.

4 И им беше речено: да не ја повредуваат земната трева, ниту некакво зеленило, ниту некакво дрво, туку само оние луѓе, кои немаат Божји печат на своите чела.

5 И им беше дадено да не ги убиваат, туку да ги мачат пет месеци; и нивното мачење беше како измачување од скорпија, кога каснува човек.

6 А во тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе сакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив.

7 А скакулците по својот облик - личеа на коњи, приготвени за војна: а на нивните глави беа круни слични на злато, а лицата им беа како човечки лица.

8 И имаа коси како женска коса, а забите им беа како на лавови;

9 имаа оклопи како железни оклопи, а шумот на нивните крила беше како татнеж на воени коли со многу коњи, кои итаа во бој.

10 И имаа опашки и осила како кај скорпиите; а во нивните опашки беше нивната сила да им пакостат на луѓето пет месеци.

11 Над себе го имаа за цар ангелот на Бездната, кому името на еврејски јазик е Авадон (Погубител), а на грчки се вика Аполион.

12 Едно зло помина, и еве, доаѓаат уште две зла по него.

13 И шестиот ангел затруби: и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник пред Бога,

14 како му зборува на шестиот ангел, кој имаше труба: „Одврзи ги четирите ангела, кои се врзани при големата река Еуфрат!”

15 И беа одврзани четирите ангела, приготвени за час, за ден, за месец и за година, да убијат третина од луѓето.

16 А бројот на војувачките коњаници беше двеста милиони - го чув нивниот број.

17 И во привидот вака ги видов коњите и оние, кои седеа на нив: имаа огнени оклопи, и синкасти и сулфурни; а главите на коњите личеа на глави на лавови, и од нивните усти излегуваа оган и дим и сулфур.

18 Од овие три зла - од огнот, од димот и од сулфурот, што излегуваа од нивните усти, загина третина од луѓето.

19 Зашто силата на коњите беше во нивните усти и во нивните опашки: имено, нивните опашки се слични на змиите, имаат глави и пакостат со нив.

20 А другите луѓе, кои не загинаа од овие зла, не се покајаа за делата на своите раце, да не им се поклонуваат на бесовите и на златните, сребрените, бронзените, камените и дрвените идоли, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту да одат.

21 И не се покајаа за своите убиства, ниту за своите вражања, ниту за своите блудства, ниту за своите кражби.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22