Откровение 12 MKB

1 И се покажа голем знак во небото: жена, облечена со сонцето и месечината под нејзините нозе, а на нејзината глава круна од дванаесет ѕвезди,

2 и беше бремена и викаше од породилни болки и маки.

3 И се покажа друг знак на небото, и ете, голем црвен змев, со седум глави и десет рогови, а на неговите глави седум круни;

4 и неговата опашка повлече третина од небесните ѕвезди, и ги фрли на земјата. И змевот стоеше пред жената, која требаше да роди, за да и го проголта Детето кога ќе роди.

5 И роди машко Дете, син, кој ќе им биде на сите народи Пастир со железно жезло. И нејзиното Дете беше однесено при Бога и при Неговиот престол.

6 А жената избега во пустината, каде имаше место, што Бог и го приготви, за да ја хранат таму илјада и двеста и шеесет денови.

7 И настана војна во небото; Михаило со своите ангели завојува против змевот. И змевот и неговите ангели завојуваа,

8 но не устоија и не им се најде веќе место во небото.

9 И беше исфрлен големиот змев, старата змија, наречена ѓавол и сатана, која го заведува целиот свет; беше исфрлен на земјата, и неговите ангели беа исфрлени со него.

10 И чув силен глас во небото како зборува: „Сега дојде спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Помазаник, зашто е отфрлен обвинителот на нашите браќа, кој ги обвинуваше пред нашиот Бог, дење и ноќе.

11 И тие го победија заради крвта на Јагнето и заради словото на своето сведоштво, и не го засакаа својот живот, дури и до смртта.

12 Затоа, веселете се небеса и вие, кои живеете во нив. Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слезе при вас со голем гнев, знаејќи дека има малку време,”

13 И кога змевот виде дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената, која го родила машкото.

14 На жената пак и ги дадоа двете крила на големиот орел, за да одлета во пустината на своето место, каде е хранета за едно време, и две времиња, и време ипол, настрана од лицето на змијата.

15 А змијата испушти од својата уста вода како река по жената, за да ја однесе со реката.

16 Но земјата и помогна на жената, и земјата ја отвори својата уста и ја испи реката, што змевот ја испушти од својата уста.

17 И змевот се разгневи на жената и отиде да војува против другите од нејзиното семе, против оние, кои ги пазат Божјите заповеди и го имаат Исусовото сведоштво.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22