Откровение 16 MKB

1 И чув силен глас од храмот, како им зборува на седумте ангели: „Одете и излејте ги седумте чаши на Божјиот гнев на земјата!”

2 И првиот отиде и ја излеа својата чаша на земјата: и се појави лоша и лута рана на луѓето, кои ја имаа ознаката на Ѕверот и кои му се поклонуваа на неговиот лик.

3 И вториот ја излеа својата чаша во морето: и стана како крв од мртовец и умре секое живо суштество во морето.

4 И третиот ја излеа својата чаша во реките и во водните извори: и тие станаа крв.

5 И го чув ангелот на водите како вели: „Праведен си, Господи, Кој си, и Кој си бил, зашто пресуди така;

6 зашто тие ја пролеаја крвта на светите и на пророците, и крв им даде да пијат, тоа го заслужуваат!”

7 И чув друг ангел од жртвеникот да зборува: „Да, Господи Боже, Сèмоќен, Твоите судови се вистински и праведни!”

8 И четвртиот ја излеа својата чаша на сонцето: и му беше дадено да ги пали луѓето со оган.

9 И луѓето, горејќи од големата жега го похулија името на Бога, Кој има власт над овие зла, и не се покајаа да Му воздадат слава.

10 И петтиот ја излеа својата чаша врз престолот на Ѕверот и царството му се помрачи и ги гризеа своите јазици од мака.

11 И Го похулија небесниот Бог, заради своите маки и рани, и не се покајаа од своите дела.

12 И шестиот ја излеа својата чаша врз големата река Еуфрат: и пресуши неговата вода, за да им се приготви патот на царевите од исток на сонцето.

13 И видов како од устата на змевот и од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегуваат три нечисти духа како жаби;

14 имено, тоа се демонски духови, кои прават чуда и одат при царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во великиот ден на Бога Сèмоќниот.

15 И ете, идам како крадец; блажен е оној, кој бдее и ги пази своите облеки, за да не оди гол и да не се гледа неговиот срам.

16 И ги собра на местото на еврејски наречено Армагедон” (Рид на Мегидо).

17 И седмиот ја излеа својата чаша во воздухот: и од храмот излезе силен глас, од престолот, велејќи: „Се заврши!”

18 И настанаа молњи и гласови и громови, и настана голем земјотрес, каков никогаш не бил, откако се луѓето на земјата; таков земјотрес, толку силен.

19 И големиот град се раздели на три дела, и градовите на народите паднаа. И големиот Вавилон се спомна пред Бога, за да му се даде чашата со виното на Неговиот јаростен гнев.

20 И сите острови побегнаа, и горите веќе не се наоѓаа.

21 И голем град - тежок колку еден талант, падна од небото на луѓето, а луѓето Го похулија Бога, заради ова зло од градот, зашто неговото зло беше многу големо.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22