Откровение 15 MKB

1 И видов друг - голем и чудесен знак, на небото: седум ангели, кои ги држеа седумте последни зла, зашто со нив завршува Божјиот гнев.

2 И видов нешто како стаклено море, измешано со оган, и оние кои го победија Ѕверот и неговиот лик и бројот на неговото име, - стоеја на стакленото море и имаа Божји китари,

3 и ја пееја песната на Мојсеја, Божјиот слуга, и песната на Јагнето, велејќи: „Големи се и прекрасни Твоите дела Господи Боже, Сèдржителу! Праведни и вистински се Твоите патишта - Цару на народите.

4 Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави Твоето име? Зашто само Ти си свет; сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, зашто се покажаа Твоите праведни судови!”

5 И потоа видов на небото се отвори храмот на Шаторот на сведоштвото,

6 а од храмот излегоа седум ангели, кои имаа седум зла, облечени во чисти и светли ленени облеки и опашани со златни појаси преку градите.

7 И едно од четирите живи суштества им даде на седумте ангели седум златни чаши полни со гнев на Бога, Кој живее во сите векови.

8 И храмот се наполни со дим од славата на Бога и од Неговата сила, и никој не можеше да влезе во храмот, додека не свршија седумте зла на седумте ангели.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22