13 а среде седумте светилници, Некој, сличен на Човечкиот Син, облечен во долга облека до нозете и препашан со златен појас преку градите.
14 Неговата глава и косата беа бели како бела волна, како снег, а Неговите очи како огнен пламен;
15 Неговите нозе како бронза вжарена во печка; а Неговиот глас, како шум од многу води.
16 Во Својата десна рака држеше седум ѕвезди, и од Неговата уста излегуваше меч остар од двете страни; и Неговото лице беше како што сонцето свети во својата сила.
17 И кога Го видов паднав како мртов пред Неговите нозе; а Тој ја сложи Својата десница врз мене и ми рече: „Не бој се! Јас Сум Првиот и Последниот
18 и Живиот, и умрев, и ете, Жив Сум во сите векови. Амин! И ги имам клучевите на Подземјето и смртта.
19 И така, напиши ова што го виде: и тоа што е и она што ќе биде потоа.