Откровение 11:6-12 MKB

6 Тие имаат власт да го затворат небото, за да не паѓа дожд во деновите на нивното пророкување, и имаат власт над водите, да ги претворат во крв и да ја поразат земјата со секаква неволја, колкупати и да посакаат.”

7 ”И кога ќе го завршат своето сведоштво, Ѕверот, кој излегува од Бездната, ќе војува против нив, и ќе ги победи, и ќе ги убие.

8 И нивните трупови ќе лежат на улицата на големиот град, кој духовно се наречува Содом и Египет, каде и нивниот Господ беше распнат.

9 И луѓето од народите и племињата и јазиците и народностите ќе ги гледаат нивните трупови три ипол дена, и не ќе дозволат нивните трупови да бидат положени во гроб.

10 И жителите на земјата ќе се радуваат и ќе се веселат за нив, и ќе си праќаат дарови еден на друг, зашто тие два пророка ги измачуваа жителите на земјата.

11 И по три ипол дена, влезе во нив животворен дух од Бога, и застанаа на свои нозе, а голем страв ги обзеде оние, кои ги гледаа.

12 И чуја силен глас од небото, кој им велеше: „Дојдете ваму, горе!” И отидоа горе во небо во облакот, и нивните непријатели ги видоа.