Откровение 12:5-11 MKB

5 И роди машко Дете, син, кој ќе им биде на сите народи Пастир со железно жезло. И нејзиното Дете беше однесено при Бога и при Неговиот престол.

6 А жената избега во пустината, каде имаше место, што Бог и го приготви, за да ја хранат таму илјада и двеста и шеесет денови.

7 И настана војна во небото; Михаило со своите ангели завојува против змевот. И змевот и неговите ангели завојуваа,

8 но не устоија и не им се најде веќе место во небото.

9 И беше исфрлен големиот змев, старата змија, наречена ѓавол и сатана, која го заведува целиот свет; беше исфрлен на земјата, и неговите ангели беа исфрлени со него.

10 И чув силен глас во небото како зборува: „Сега дојде спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Помазаник, зашто е отфрлен обвинителот на нашите браќа, кој ги обвинуваше пред нашиот Бог, дење и ноќе.

11 И тие го победија заради крвта на Јагнето и заради словото на своето сведоштво, и не го засакаа својот живот, дури и до смртта.