Откровение 17:8-14 MKB

8 Ѕверот, што го виде, беше и го нема, и ќе излезе од Бездната за да отиде во пропаст. И ќе се зачудат земните жители чие име не е запишано, од создавањето на светот, во Книгата на Животот, кога ќе видат дека ѕверот беше и го нема, иако тој е.

9 Тука е умот, што има мудрост! Седумте глави - тоа се седумте гори, врз кои седи жената.

10 Тоа се и седум цареви, од кои петмина паднаа, едниот е, а другиот уште не дошол, а кога ќе дојде, треба да остане малку.

11 Ѕверот, пак кој беше и кого го нема, е осми, и е од седумте, па оди во пропаст.

12 И десетте рогови, што ги виде, тоа се десет цареви, кои уште не зацаруваа, но ќе ја примат царската власт со ѕверот за еден час.

13 Овие се истомисленици, па ќе му ја предадат својата сила и власт на ѕверот.

14 Овие ќе војуваат против Јагнето, но Јагнето ќе ги победи, зашто Тој е Господар над господарите и Цар над царевите, а со Него се повиканите, избраните и верните.