Откровение 21:8-14 MKB

8 А на страшливците и на неверните, и на гнасните и на убијците, и на блудниците и на вражалците, и на идолопоклониците и на сите лажци, нивниот дел им е во езерото, кое гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт.

9 И дојде еден од седумте ангели, кои имаа седум чаши, полни со последните седум зла, и проговори со мене и рече: „Дојди, да ти ја покажам невестата - жената на Јагнето!”

10 И ме одведе духом на голема и висока гора и ми го покажа светиот град Ерусалим, како слегува од небото од Бога

11 и имаше Божја слава, и нејзината светлина беше слична на многу скапоцен камен, на кристално проѕирниот камен јаспис.

12 Имаше голем и висок ѕид со дванаесет порти, а на портите дванаесет ангели и напишани имиња, а тоа се имињата на дванаесетте племиња на Израелевите синови.

13 Од исток три порти, и од север три порти, и од југ три порти, и од запад три порти.

14 А градскиот ѕид имаше дванаесет основи и на нив дванаесет имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето.